Регион
Парламентот го поддржа Додик: Ѓукановиќ во БиХ и Фронтекс на границата штетни за интересите на РС
Народното собрание на Република Српска ја поддржа утринава одлуката на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, да стави вето на поканата од другите два члена на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, претседателот на Црна гора, Мило Ѓукановиќ, да ја посети БиХ на почетокот од март.
Со двотретинско мнозинство е поддржано и ветото на Додик во Претседателството на БиХ за прифаќање на Спогодбата за статусот меѓу БиХ и ЕУ за активностите што ги спроведува Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) за територијата на БиХ.
Заклучокот го потпишаа СНДС, ДНС, ДЕМОС, НДП, Обединета Српска, Независнкиот клуб на СП, пратеничката група на СП и независните пратеници. Пратениците на опозициските СДС и ПДП не присуствуваа на гласањето.
Парламентот усвои два заклучока. Во првиот се наведува дека Спогодбата за статусот меѓу БиХ и ЕУ за активностите на Фронтекс во најголем дел не е спорна за Република Српска, но неприфатливо е да биде усвоена без согласност и учество на МВР на Република Српска.
Со оглед на тоа дека во негова надлежност е најголемиот дел од граничниот појас на кој се однесува спогодбата, како и поради фактот дека има обид спогодба од вакво значење да се усвои со прегласување на член на Претседателството на БиХ од РС.
Во вториот заклучок е наведено дека се задолжува српскиот член на Претседателството на БиХ, во согласност со овластувањата и со Законот за заклучување и извршување на меѓународните договори, да покрене нова иницијатива и преговоди за склучување спогодба за статусот меѓу БиХ и ЕУ за активностите на Фронтекс во БиХ со задолжително почитување на мислењата и ставовите на надлежните органи на Република Српска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка, испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала нивната ќерка.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме е неописливо. Тоа може да го разбере само родителот. Неколку пати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот, ниту во кола, ниту ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле тоа. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, не навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога се ќе заврши, ќе кажеме се“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.