Регион
По училиштата, закани за бомби добија и полициски станици во БиХ
Неколку полициски станици во Сараево денеска добија предупредувања за бомби, а во електронската пошта се вели дека тоа е чин поради антируската политика во Федерацијата БиХ, пренесуваат тамошните медиуми.
Откако синоќа беа испратени закани за бомби на електронски адреси на десетици училишта, главно во областа на Република Српска, подоцна во текот на денот беше прогласена тревога во полициските станици во Сараево.
Од Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево потврдија дека вршат темелна проверка на зградите во кои се сместени полициските станици.
Порталот „Дневни аваз“ објави преписка од содржината на заканувачката порака испратена на кирилица, во која како испраќач се споменува руската служба за државна безбедност – ФСБ.
„Властите на БиХ не принудија на овој чекор со нивната антируска политика и нападите врз нашиот братски српски народ во Република Српска. НАТО нема да ви помогне. Влијајте на вашата влада ако не сакате како во Украина. Со почит, ФСБ“, се вели во пораката.
Командантот на полицијата во Сараево, Нусрет Селимовиќ, минатата недела, по упатените закани за бомби до училишта во градот, изјави дека сите такви случаи се истражуваат поради сомневање за сторено кривично дело тероризам.
Сите извештаи за бомбашки напади во БиХ досега се покажаа како лажни, но засега никој не е уапсен поради овие лажни закани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Милорад Додик: Република Српска е под постојани санкции предводени од САД
Република Српска е под постојани санкции предводени од САД, изјави на Меѓународниот состанок на високите претставници задолжени за безбедносни прашања во Санкт Петербург, претседателот на Српска Милорад Додик.
Во својот говор Додик укажа на глобалниот проблем поради политички мотивирани санкции.
„Република Српска е директно изложена на овој вид ризик и е под постојани санкции предводени од САД. Ние правиме се што можеме за да ја заштитиме “, рече Додик, кој беше првиот што зборуваше на Состанокот за безбедност како дел од првата пленарна сесија „Обезбедување информациска безбедност во услови на формирање на полицентричен светски поредок: предизвици и можности“.
Регион
Девојка што исчезна во март во Србија е пронајдена
Тијана Симиќ, која била пријавена за исчезната на 13 март оваа година, и последен пат била видена на Карабурма во Белград, е пронајдена повеќе од еден месец од нејзиното исчезнување.
Засега не се познати детали, а среќните вести ги објави нејзината сестра на „Твитер“.
„Тијана ја пронајдовме, ви благодарам на сите за помошта“, напиша таа.
Tijanu smo pronašli, hvala puno svima na pomoći ♥️
— fifo (@sofoklee) April 24, 2024
Семејството на Тијана молеше за помош или било каква информација за неа, и после повеќе од еден месец е пронајдена.
Регион
Во БиХ уапсени 14 шверцери, превезувале мигранти во Хрватска, заработиле 3 милиони евра
Припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина уапсија 14 лица под сомнение дека организирале мрежа на криумчари на илегални мигранти преку границата со Хрватска. Акцијата под кодното име „Пирамида“ координирана од Обвинителството на БиХ беше спроведена на 16 различни локации низ земјата.
Како што беше утврдено во досегашната истрага, уапсените организирале илегално преминување на границата на најмалку 600 лица, од кои стотина се деца.
„Според прелиминарните податоци, оваа меѓународна организирана криминална група во изминатите шест месеци остварила финансиска корист од повеќе од шест милиони конвертибилни марки (три милиони евра)“, се вели во полициското соопштение.
Разбивањето на оваа мрежа на трговци со луѓе беше спроведено заедно со Управата за криминалистичка полиција на МВР на Република Хрватска и Европол и со учество на припадници на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).
Граничната полиција на БиХ наведува дека продолжува да презема мерки за спречување на шверцот на луѓе, особено против организираните криминални групи. Потсетуваат дека во првите три месеци од годинава полициски службеници и граничари до обвинителството поднеле 83 пријави против 177 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле 110 кривични дела криумчарење луѓе.