Регион
Првите проблеми во истрагата: Уништен е тахнографот и не може да се прочита брзината на возење на полскиот автобус
Уништен е тахографот на полскиот автобус, кој вчера излета од автоптот А4 кај Загреб при што загинаа 12 лица, објави „Јутарњи лист“. Поради тоа не е можно да се извлечат податоците од него.
„ Тоа значи дека нема да може да се утврди со која брзина возел автобусот во моментот на несреќата, иако таа треба да биде 100 км/ч. Меѓутоа, во тахографот имало две дигитални возачки картички (возачка и совозачка), што покажува дека полскиот превозник правилно ангажирал двајца возачи за толку долго патување. Според податоците од картичките, двајцата возачи до моментот на сообраќајната незгода немале сторени прекршоци во однос на работните активности, а по одреден број часови возење правилно се менувале“, изјави машинскиот инженер Зоран Калауз.
Професионалните возачи имаат цела низа правила кои пропишуваат кога можат да започнат со работа или да возат, колку долго можат да работат или да возат континуирано, колку долго можат да работат или возат во една смена, во една седмица итн. Им се пропишуваат задолжителни паузи по одреден број часови возење, пропишани се часови минимален дневен одмор како и часови минимален неделен одмор што секој возач мора да ги има во рок од една календарска недела.
Одредени правила се разликуваат во зависност од тоа дали возачот е сам во возилото или дали во возилото се двајца возачи. Има речиси триесет правила и разни исклучоци од правилата кои секој професионален возач мора добро да ги знае за да не направи прекршок на пат.
Тахографот ги евидентира сите активности и дали возачот ги почитува правилата што важат во ЕУ, но, за жал, вообичаени се и манипулациите со тахографот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во БиХ уапсени 14 криумчари, превезувале мигранти во Хрватска, заработиле 3 милиони евра
Припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина уапсија 14 лица под сомнение дека организирале мрежа на криумчари на илегални мигранти преку границата со Хрватска. Акцијата под кодното име „Пирамида“ координирана од Обвинителството на БиХ беше спроведена на 16 различни локации низ земјата.
Како што беше утврдено во досегашната истрага, уапсените организирале илегално преминување на границата на најмалку 600 лица, од кои стотина се деца.
„Според прелиминарните податоци, оваа меѓународна организирана криминална група во изминатите шест месеци остварила финансиска корист од повеќе од шест милиони конвертибилни марки (три милиони евра)“, се вели во полициското соопштение.
Разбивањето на оваа мрежа на трговци со луѓе беше спроведено заедно со Управата за криминалистичка полиција на МВР на Република Хрватска и Европол и со учество на припадници на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).
Граничната полиција на БиХ наведува дека продолжува да презема мерки за спречување на шверцот на луѓе, особено против организираните криминални групи. Потсетуваат дека во првите три месеци од годинава полициски службеници и граничари до обвинителството поднеле 83 пријави против 177 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле 110 кривични дела криумчарење луѓе.
Регион
За европските избори во Хрватска беа пријавени 25 листи, осум помалку од 2019 година
Државната изборна комисија (ДИК) до крајниот рок доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година.
Во недела на 9 јуни ќе се одржат избори за Европскиот парламент во Хрватска, а ќе се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.
Со поднесување на списокот и официјално започнува изборната кампања која ќе трае до 7 јуни кога ќе започне изборниот молк.
Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори.
Регион
Повеќе од половина Србија обоена во жолто: Итно предупредување поради можно невреме
Жолта метеоролошка тревога е на сила на повеќе од половина од териториите во Србија и тоа во Бачка, Банат, Срем, Белград, Западна Србија, Поморавље и Шумадија, со цел да се предупреди за можна појава на грмежи.
Се очекува слаб до умерен дожд во областа Бачка.
Во Бачка во следните два часа на места ќе има врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет.
Инаку, жолтиот метео аларм се „вклучува“ кога времето може да биде потенцијално опасно, поточно кога се предвидуваат опасни временски појави.
„Тие се со таков интензитет што можат да предизвикаат материјална штета и да бидат опасни за луѓето и животните. Треба да бидете многу внимателни, свесни за ризиците и редовно информирани за деталите за очекуваните метеоролошки услови“ велат од надлежните државни служби.