Регион
Пријава против Валентин Инцко во Советот за безбедност за игнорирање на вахабистите
Претседателот на Српскиот клуб во Претставничкиот дом во Парламентот на БиХ, Ненад Стевандиќ, изјави дека Република Српска ќе го пријави високиот претставник за БиХ, Валентин Инцко во Советот за безбедност на ОН бидејќи ги игнорира вахабиските и екстремистичките движења во БиХ, пренесува Радиотелевизијата на Република Српска.
„Инцко веќе со години го игнорира потенцијалниот тероризам во БиХ, каде што потенцијални цели се сите граѓани на БиХ, а повторно, од друга страна, се занимава со пријавување на вербалниот деликт на Милорад Додик“, рече Стевандиќ по повод најавата на Инцко дека ќе ја тужи Република Српска во Советот за безбедност на ОН поради изјавите дека е држава.
Тој за „Вечерње новости“ изјави дека Додик стотина пати рекол оти Република Српска е држава, а и сите политичари во РС го велат тоа.
„Нашата перцепција за Република Српска е дека таа е држава. Ние така ја чувствуваме. Знаеме ние добро каков е уставниот поредок во БиХ и дека тоа е сосем друго прашање“, вели Стевандиќ. Според него, никој во Република Српска не очекува Инцко да ја сака РС и да признае Денот на Републиката, па дури и кога би присуствувал на прославата на 9 јануари, би се знаело дека не ја сака.
„Но, тоа е проблем на Инцко, а не на Република Српска“, заклучи Стевандиќ.
Членката на Претседателството на СНДС, Душанка Мајкиќ, посочи дека Инцко никогаш не покажал ни минимум желба да ги изедначи ставовите кон двата ентитета во БиХ и дека секојпат со изјавите покажува оти е на страната на Бошњаците, а тоа веќе и не го крие.
Таа додаде дека последната ракција на Инцко на Денот на републиката е лоша порака и оцени дека РС не е држава во смисла во која ја смета Инцко, но дека е во смисла во која ја гледаат граѓаните на Република Српска.
„РС е република, а републиката е држава, му се допаѓало тоа на Инцко или не. Кога ќе се одлучува дали Република Српска е држава, Инцко сигурно нема да биде прашан за тоа“, рече Мајкиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Почна нова детална потрага по Данка, пристигнаа спасувачки екипи со куче
Две специјалистички спасувачки екипи од Белград и Нови Сад, Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, синоќа пристигнале во Бањско поле и рано утринава започнале детално пребарување на просторот околу куќата пред која исчезнало двегодишното девојче.
Екипите се состојат од 18 пожарникари-спасувачи со 5 теренски возила и едно куче.
Припадниците на српската полиција во континуитет ги преземаат сите мерки и дејствија за пронаоѓање на девојчето и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување, информираат од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Што правеа багерите вчера околу куќата од каде што исчезна Данка
Вчера околу куќата каде исчезна Данка во Бањско поле имаше два багери.
Според Телеграф.рс, багерите првенствено работеле на расчистување на теренот бидејќи куќата била опкружена со депонија, па полицијата за полесни претреси го расчистува просторот од гломазен и друг отпад.
„Сечат дрвја и го отстрануваат отпадот бидејќи околу куќата има депонија“, јави репортер од местото на настанот.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Бугарија
Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран во 8:38 часот по локално време, на четири километри од Девин, на длабочина од девет километри.
🔔#Earthquake (#земетресение) M3.8 occurred 6 km SW of #Devin (#Bulgaria) 4 min ago (local time 08:38:05). More info at:
📱https://t.co/IbUfG7TFOL
🌐https://t.co/MSdvNiasPN
🖥https://t.co/ycq6JSIzuY pic.twitter.com/jACmTRndoJ— EMSC (@LastQuake) March 29, 2024
Речиси половина час пред овој земјотрес Бугарија ја погоди потрес со јачина од 2,4 степени според Рихтеровата скала.
Забележан е во 8:09 часот по локално време.
Во 08:42 часот е регистриран и трет земјотрес со јачина од 2,2 степени според Рихтеровата скала.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Регион
Четврти ден од потрагата по двегодишната Данка, родителите во фокусот на полицијата
Четврти ден од потрагата по малата Данка, двегодишното девојче кое исчезна во вторникот околу 13 часот и 45 минути во приградската населба Бањско Поле, во близина на градот Бор, во Србија. Мајката раскажала како Данка исчезнала од дворот на семејната куќа додека одела да му даде вода на постарото дете. Родителите биле сослушани во полиција, а на мајката и бил одземен мобилниот телефон.
Полицијата завчера околу 17:30 часот го прекина претресот на теренот.
„Сите досегашни резултати укажуваат дека девојчето не е на овој простор од околу 10 квадратни километри“, соопшти полицијата.
Родителите на Данка вчера цел ден биле во полиција на распит. Полицијата ги разделила и спиеле во различни куќи. Багери, полицајци и пожарникари пристигнаа околу куќата каде исчезна девојчето, сечеа дрвја околу куќата и го исчистија просторот и копаа. Досега полицијата сослушала повеќе од 50 лица.
Синоќа се појави вест дека тројца мажи се уапсени во Босна и Херцеговина. Според медиумите, тие на Тикток објавиле дека имаат информации за исчезнувањето на Данка и барале пари во замена за оваа информација. Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека еден од нив рекол дека Данка е во неговиот подрум. Како што се дознава, тие на распитот рекле дека само се шегувале.
Зошто полицијата е фокусирана на родителите?
Јавноста беше заинтригирана од фактот што полицијата толку многу се фокусираше на сослушувањето на родителите на Данка. Така Милош и Ивана Илиќ, родителите на Данка, вчера речиси цел ден и ноќ го поминаа во полициска станица на информативен разговор.
„Првиот дел од потрагата покажа дека немало ад хок исчезнување на девојчето. Вториот дел од потрагата сега е фокусиран и е многу посериозен во однос на собирање податоци за тоа кој би можел да биде мотивот зад исчезнувањето“, рече за српски Блиц, Братислав Тимотијевиќ, пензиониран инспектор на криминалистичката полиција во Ниш.
Затоа полицијата сега детално ги проверува сите околности на пријавата на мајката за исчезнувањето на Данка, се што се случило помеѓу времето на исчезнувањето на Данка Илиќ и доаѓањето на првите полициски патроли, како и сето она што тие патроли пронашле при пристигнувањето во Бањско поле.
Познавачите напоменуваат дека тоа што полицијата ја проверува изјавата на мајката, дека нејзиниот мобилен е испратен на анализа и дека таа и нејзиниот сопруг двапати биле интервјуирани во полиција, не значи дека некој од нив или некој во потесното семејството е осомничен или обвинето за било што. Деталните проверки на членовите на потесното семејство се вообичаени во такви случаи и може да доведат до постоење на поединечни лица.
„Мора уште еднаш да се провери сè за да се увериме дека навистина нема траги дека девојчето некаде исчезнало и дека е веројатно во тој дел. Сите прашања се отворени, сите можности се во фокусот, секој детал мора да се истражи. Ништо не може да се остави настрана или лесно да се прифати“, вели Тимотијевиќ.