Регион
Рама: Мини шенгенoт е можност за отстранување на границите меѓу Албанија и Косово
Албанскиот премиер Еди Рама го гледа мини шенгенoт како можност за, како што рече, отстранување на границите меѓу Албанија и Косово, но верува дека ќе поминат години додека Приштина да го сфати тоа.
Рама тврди дека идејата за регионален шенген потекнува од поранешниот албански премиер Фатос Нано и дека тој прв ја поттикнал идејата меѓу лидерите на земјите членки на „мини шенген“, пренесуваат приштинските репортери.
Тој исто така смета дека Приштина треба да даде приоритет на дијалогот со Белград, за Косово да достигне повисоко ниво во економска и социјална смисла.
„Првиот регионален шенген беше артикулиран од Фатос Нано во време кога се чинеше лудо. Јас повторно го воведов затоа што беа создадени услови. Регионалниот шенген значи отстранување на границата меѓу Албанија и Косово, но додека тие во Косово го сфатат тоа, ќе поминат години и Косово ќе губи време. Мини шенген е идеја што јас најпрво ја протуркав и имам сведоци за тоа. Откога првпат се собравме во Берлин“, рече Рама.
Говорејќи за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Рама изјави дека за него иднината на Косово без решителност да се стави крај на дијалогот е нејасна, не во смисла на независност, туку во однос на капацитетите што можат да бидат на располагање за да се подигне Косово на повисоко ниво, во економски и социјален аспект“.
„Мора да видиме како ќе се одвива процесот на Косово“, рече Рама.
На прашањето за работата на косовскиот премиер Албин Курти, Рама рече дека нема да го коментира Курти пред 26 април, кога се одржуваат парламентарните избори во Албанија.
„Јас не го коментирам Курти. Немам коментари за Курти до 26 април. Тогаш можам да зборувам”, рече Рама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Полицајци и пожарникари пристигнуваат пред куќата каде што исчезна Данка
Во Бањско Поле во Србија пристигнуваат уште полициски сили и пожарникари во околината на викендичката на семејството Илиќ во близина на која последен пат била видена малата Данка Илиќ по која веќе трет ден се трага.
Покрај пожарникари и полиција, на самото место има и багер, иако сè уште нема официјални информации зошто. Репортерот на српски „Телеграф“ јавува дека полицијата отвора шахти околу куќата на семејството Илиќ.
Како што објави „Телеграф“, полицијата и работниците од ЈКП од утрово го расчистуваат теренот.
Данка Илиќ исчезна во вторникот во 13.45 часот кога мајка ѝ му давала вода на другото дете.
По девојчето 27 часа трагаа припадници на жандармеријата, полицијата, пожарникари, спасувачи, како и многубројни мештани. По 27 часа, српската полиција го прекина пребарувањето на теренот во Бањско Поле.
Регион
Кризата во Бугарија продолжува: никој не може да формира влада, на повидок се нови избори
Претставниците на партијата Има таков народ, денеска, на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, со што се отвора патот за закажување вонредни парламентарна избори.
Мандатот што ѝ беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање редовна влада во рамките на сегашното Народно собрание, јавува Бугарското радио. Претседателот Радев сега треба да го одреди датумот на предвремените избори за парламентот откога неисполнети му беа вратени трите мандати за формирање влада.
На изборите во април минатата година ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, коалицијата предводена од партијата Продолжуваме со промените освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент, а нивните обиди за формирање влада претходно беа неуспешни.
Првиот мандат Радев ѝ го довери на коалицијата ГЕРБ-СДС, но таа не формира влада, мандатарката Марија Габриел се откажа и го врати мандатот.
Вториот мандат за состав на влада му беше доверен на Николај Денков.
Третиот мандат за состав на влада, според бугарскиот Устав, претседателот го доверува на една од другите парламентарни сили, по негова дискреција, во рок од 7 дена. Според Уставот, доколку не се постигне договор за формирање влада, претседателот по консултација со пратеничките групи назначува преодна влада и распишува нови предвремени избори во рок од 2 месеца.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролет март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источен Медитеран. Типична песочна бура со дострел од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони“, објаснува директорот на Грчката метеоролошка служба, Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 Целзиусови степени, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степена, истакнаа од Грчката метеоролошка служба.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи население, особено луѓето што страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува Сојузот.