Регион
Србија надмина 600 илјади заразени, се размислува за давање три дози од вакцините
Во Србија, која е една од земјите со висока стапка на вакцинација, а вчера надмина 600.000 регистрирани случаи на коронавирус, експертите укажуваат на можноста за давање трета доза вакцина на луѓе чиј имунолошки систем не реагирал соодветно со создавање антитела по првата и втората доза.
„Ова може да бидат и постари лица што не реагирале добро по примањето на првите две дози. Ќе има потреба од тоа, но не за сите луѓе“, предупреди Марија Гњатовиќ од Институтот за примена на нуклеарната енергија (ИНЕП).
Таа за РТС изјави дека станува збор за луѓе чиј организам одговорил со помали вредности на антитела, доколку кај нив се утврди инфекција и развој на симптоми и доколку вредноста на антителата се намали под мерливите вредности.
Таа посочи дека за вакцините засновани на нов концепт, како што се оние на „Фајзер“ и „Астра зенека“ и руската „спутник В“, кои даваат брз одговор, веќе две-три недели по првата доза, потребна е втора доза за продолжување на ефектот за дополнителна ефикасност.
Гњатовиќ рече дека кинеската вакцина на „Синофарм“ го стимулира имунолошкиот одговор многу подоцна затоа што синтезата на антителата почнува по две недели од приемот на втората доза, а понекогаш дури по четири или пет недели по втората доза.
Антителата, според нејзиното мислење, кај повеќето луѓе постари од 70 години, претежно мажи, се произведуваат послабо отколку што се очекувало, но додава дека популацијата на возраст од 18 до 65 години реагира добро и речиси кај сите го има очекуваниот одговор.
Во ситуација кога експертите треба да размислат за давање трета доза, Србија во средата објави за 2.444.395 дадени дози вакцина против Ковид-19, а 1.015.507 луѓе примиле втора доза.
Во исто време епидемиолошкиот пресек покажа уште 38 смртни случаи од Ковид-19, а од 17.801 тестиран примерок имаше 5.107 позитивни на коронавирусот, со што е надмината границата од 600.000 потврдени случаи во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.