Регион
Србија ќе мора да избира меѓу ЕУ и Русија, тврди висок германски функционер
Два дена пред самитот на Западен Балкан во Берлин, висок германски функционер изјави дека Србија набргу ќе треба да одлучи дали сака да ѝ се приклучи на Европската Унија или дали сака да продолжи да ги развива односите со Русија.
Реакцијата на Германија беше предизвикана од извештаите според кои Белград ја стави својата војска во состојба на готовност поради тензиите во Косово.
„Потребата да се донесе одлука доаѓа до израз“, рече германскиот функционер, кој сакаше да остане анонимен. „Односите со Србија се сложени – има добри и лоши страни. Односите на Србија со Русија секако се дел од лошите страни на тој однос“, додаде тој.
Односот меѓу Германија и Србија дополнително беше загрозен од фактот што српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, минатиот месец потпиша договор со неговиот руски колега Сергеј Лавров, во кој тие се обврзаа да се консултираат за прашања од надворешната политика.
Од 2012 година, кога стана кандидат за влез во ЕУ, Србија се обидува да балансира помеѓу историски блиските односи со Русија и аспирациите за интеграција во Европската Унија. Таа рамнотежа ја отежна војната во Украина, особено затоа што многу Срби сочувствуваат со Русија.
Германскиот функционер рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ја има целосната поддршка од ЕУ и германската влада доколку одлучи да тргне по патот на евроинтеграциите. Тој исто така додаде дека Србија, доколку избере друг пат, ќе ги почувствува последиците од нејзиниот избор.
Српскиот министер за одбрана, Милош Вучевиќ, изјави дека Србија се залага за дијалог, но дека тој не може да се релаксира. „Армијата е подготвена да ги заштити сите граѓани на Србија, вклучително и Србите на Косово, никој не треба да се сомнева во тоа“, рече Вучевиќ во врска со се позаострените односи со Косово.
Косово постојано се обидуваше да му нареди на своето српско малцинство да ги смени старите регистарски таблички, кои датираат пред 1999 година кога Косово сè уште беше дел од Србија, што предизвика отпор кај српското малцинство, кое не сака да ги смени регистарските таблички.
Косово минатата недела објави дека го одложува планот за конфискација на српски автомобили, чии сопственици одбиваат да им ги сменат старите регистарски таблички, од времето кога Косово сè уште беше дел од Србија. Одлуката дојде откако ЕУ предупреди дека конфискацијата на автомобилите може дополнително да ги поттикне етничките тензии.
ЕУ во саботата соопшти дека Косово има право постепено да ги укинува регистарските таблички, но преодниот период треба да се продолжи. Косово прогласи независност во 2008 година, но околу 50.000 етнички Срби, кои живеат во северниот дел, одбиваат да ја признаат власта на Приштина, пренесе „Индекс.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ во ОН: Курти денес не е во Њујорк оти води тајна кампања во Северна Македонија
За време на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на шестмесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК, српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини лидерот на движењето Самоопределување, Аљбин Курти за мешање во внатрешните работи на Македонија.
Вучиќ истакна дека Курти не бил присутен на седницата во Њујорк бидејќи бил зафатен со водењето на изборната кампања на неговата партија во соседна држава.
Вучиќ изрази изненаденост од тоа што, според него, најпопуларен политичар во Македонија е претседателот на Србија, иако нема кампања во таа земја.
Тој посочи дека како претседател на Србија се извинува за постапките на, како што го нарече, српскиот граѓанин Аљбин Курти и истакна дека мешањето во внатрешните работи на Северна Македонија не е политика на Србија, туку постапка на неодговорен граѓанин.
Регион
Уапсена државјанка на Јужна Африка, осомничена дека ја убилa мајка си во Црна Гора
Јужноафриканска државјанка е уапсена под сомнение дека утрово ја убила својата мајка во Пераст.
Полициската управа соопшти дека медицинскиот персонал на Здравствениот дом во Котор пријавил во полиција дека во станбена зграда во Пераст е пронајдено безживотно тело на жена, а таму била пронајдена и нејзината ќерка Н.Л.Т., пренесува Вијести.
„Полицијата излезе на местото на настанот каде е утврден идентитетот на починатата, а преземени се мерки и дејствија за утврдување на фактите и околностите под кои настапила смртта“, се вели во соопштението на полицијата.
Оттаму додаваат дека увид на лице место е извршено во присуство на обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, како и службеник од Центарот за судска медицина.
„По преземени сеопфатни истражни дејствија, припадниците на полицијата дошле до сомнение дека сторител на ова кривично дело е Н.Л.Т. и таа е лишена од слободата.
Регион
Османи: Белград ја спречува интеграцијата на Србите во институциите на Косово
Косовската претседателка Вјоса Османи упати низа обвинувања за Србија на седницата на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите Нации (ОН) посветена на Косово.
Османи обвини дека Белград ја спречува интеграцијата на Србите во институциите на Косово.
Таа изјави дека Србија ја заплашува српската заедница на северот на Косово, а како пример го наведе неодамнешното апсење на косовски полицајци во Србија, пренесува „Радио Слободна Европа“.
Османи обвини и оти Србија претходните денови на граница задржувала автобуси со патници од албанска националност.
Владата на Косово претходно овие постапки ги оцени како одмазда на Србија за поддршката дадена од Парламентарното собрание на Советот на Европа за членството на Косово во оваа организација.
„Србите во Косово се под притисок, но од страна на властите во Србија“, рече Османи.