Регион
Српски стилист уапсен поради педофилија
Полицијата во Нови Сад го уапсила стилистот и диџеј Срѓан Швељо под сомнение дека сексуално вознемирувал и злоупотребувал малолетни лица, пренесува хрватски „Индекс“ повикувајќи се на српските медиуми.
Швељо е уапсен во Нови Сад, каде што живее и работи од 1994 година.
Српски „Блиц“ пишува дека стилистот е уапсен откако малолетните жртви го пријавиле во полиција. Се верува дека Швељо ги злоупотребувал.
„Момчињата во полиција раскажале дека кај Швељо доаѓале како модели. Тој ги соблекувал, облекувал и ги фотографирал“, изјави за „Блиц“ извор од истрагата.
Момчињата, наводно, биле на возраст од 12 до 14 години.
Инстаграм профилот на Швељо е полн со фотографии од млади момчиња на различна возраст, од кои повеќето се помлади, тинејџери. Скоро секоја фотографија има сексуална конотација и моделите се претежно разголени.
Ова апсење доаѓа откако Игор Јуриќ, основач на фондацијата „Тијана Јуриќ“, зборуваше за јавни тајни за педофилите во Србија, велејќи дека веќе долго време има сознанија за влијателни луѓе од повеќе градови кои злоупотребувале деца. Додаде дека под чиста одговорност и свест го изјавува тоа за тие луѓе да знаат дека тој и неговите соработници имаат многу информации за нивните постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.
Регион
Пленковиќ по победата на изборите во Хрватска: Набргу ќе дознаете со кого ќе имаме мнозинство
Актуелниот премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ, чија партија ХДЗ победи на парламентарните избори во Хрватска, објави дека набргу ќе се знае со кого ќе формираат влада.
„Одлично е чувството, трета победа во низа и убедлива, тоа никој не успеа да го направи пред нас. Презадоволни сме, урнат е митот дека високиот одѕив не ѝ одговара на ХДЗ“, изјави Пленковиќ.
„Многу набргу ќе дознаете со кого ќе формираме ново мнозинство во Собранието. Разговаравме со некои наши колеги уште синоќа, а денеска ги продолжуваме разговорите. Сè оди добро, победниците ќе ја водат владата и во третиот мандат“, порача Пленковиќ.
Неофицијалните резултати по обработката на речиси сите избирачки места, според пресметките, покажуваат дека ХДЗ убедливо победува на парламентарните избори и освојува 61 мандат, а Риека правде на СДП добива 42 мандата.
Регион
ХДЗ слави победа на изборите во Хрватска по првите официјални резултати
Објавени се првите официјални резултати од изборите одржани денеска во Хрватска.
Според првите официјални информации, по 25 отсто преброени гласови, ХДЗ слави победа. ХДЗ води убедливо, а резултатите во штабот беа дочекани со ентузијазам и скандирања „победа“.
ХДЗ 65, „Реке правде“ (СДП) со 41, ДП 14, Мост 9, ИДС 4, Можемо 3, Фокус 3, НП Север 2.
Од друга страна, во штабот на СДП владееше молк.