Регион
Турскиот парламент одобри минување на претседателски систем
Турскиот парламент со мнозинство гласови во раните утрински часови во саботата го усвои пакетот уставни измени со предлог закон од 18 членови кој вклучува премин кон претседателски систем, и со што се создава можноста референдумот за ова прашање да се одржи во април.
Пакетот уставни измени е усвоен со 339 гласови „за“ и 142 „против“, а за негово изгласување беа потребни најмалку 330 гласови. Уште треба да биде потврден на референдум, на кој за да мине е потребно просто мнозинство.
Се очекува дека претседателот Реџеп Тајип Ердоган во наредните денови, најмногу две седмици, ќе го потпише законот, по што тој ќе биде ставен на референдум, кој ќе се одржи најмалку 60 дена по објавувањето на текстот од законот во службениот весник.
Предлогот на измените и дополнувањата на уставните закони, кој подразбира воведување претседателски систем во Турција наместо парламентарниот, тенденции кои постојат од формирањето на Турската Република во 1923 година, во парламентот го предложи владејачката Партија на правдата и развојот (AKP).
Критичарите велат дека уставните амандмани ќе го ослабат системот на проверки и рамнотежа, како и улогата на парламентот, како и дека премногу овластувања ќе бидат концентрирани во претседателскиот кабинет. Загрижени се, исто така, и за нивното влијание врз независноста на судството.
Ердоган, кој е на чело на Турција од 2003 година, прво како премиер а до 2014 година како претседател, веќе се соочува и дома и во странство, во прв ред кај западните сојузници, со обвинувањата за зголемено авторитарно водство на земјата.
Но претседателот и неговите приврзаници тврдат дека претседателскиот систем на Турција ќе ѝ донесе стабилност, особено кога се соочува со безбедносни закани.
Владејачката AKP на Ердоган, има 316 од 550 мандати во парламентот. Уставните амандмани беа усвоени со помош на мнозинството пратеници од десната Партијана на националното движење (MHP).
„Ние ја направивме нашата работа. Сега го премесуваме тоа прашање… на нашиот народ“, изјави по гласањето во парламентот премиерот Бинали Јилдирим, пренесе агенцијата Anadolu.
Пакетот уставни реформи, меѓу другото, вклучува и укинување на премиерскиот кабинет, а претседателот ќе стане шеф на владата со овластувања да именува и сменува министри/ Ќе биде воведена и функцијата потпретседател на државата.
Народната републиканска партија (CHP), од левиот центар, гласаше против новите измени и ја осуди промената на системот, порачувајќи дека парламентот ќе ослаби. Кемал Киличдроглу, лидер на CHP, рече дека „парламентот ја изневерил својата историја“, додавајќи дека народот би можел да ја исправи оваа грешка на референдумот.
Левичарската прокурдска Народна демократска партија (HDP) го бојкотираше гласањето во парламентот, откако беа приведени поголемиот дел од првите луѓе на партијата.
Доколку уставните промени минат на референдум, Турција првпат во историјата ќе има формален претседателски систем.
Според новиот устав, претседателот на државата нема да мора да го откажува членството во својата политичка партија, како што е сега случајот иако Ердоган е основач на партијата AKP.
Претседателот, исто така, ќе има право на два петгодишни мандати, но турските аналитичари сметат дека во тоа најверојатно нема да се смета тековниот мандат на Ердоган, така што би можел да остане на власт до 2029 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.