Регион
Убиениот мафијаш во Виена е жртва на војна меѓу црногорски кланови?
Вчера во Виена беше убиен Владимир Рогановиќ, член на озлогласениот Кавачки клан од Котор, Црна Гора. Со него беше Стефан Вилотијевиќ, син на црногорскиот мафијашки шеф и братучед на турбо-фолк пејачката Дара Бубамара. Тој е сериозно повреден. Рогановиќ лани бил осуден во Белград на осум месеци затвор поради фалсификување документи. Откако ја отслужил казната бил префрлен во затвор во Подгорица, а бил ослободен пред две недели, поточно на 7 декември. Пред три дена тој избегал од Црна Гора, потврдиле извори од црногорската полиција за „Вијести“.
Рогановиќ и Вилотијевиќ излегувале од познат виенски ресторан кога било пукано кон нив. И двајцата беа ранети во главата. Рогановиќ имал 31 година и статус на црногорски Корлеоне.
Што е всушност Кавачки клан?
Кавачки клан е име за организирана криминална група од Кавача, мало село во близина на Котор во Црна Гора.
Водач на кланот е Слободан Кашќелан (56), кој беше уапсен минатата година во Прага откако по него Интерпол распиша меѓународна потерница за обиди за убиство, формирање на криминална организација и лихварство.
Врз Кашќелан и неговиот телохранител во Нови Сад во 2014 година бил извршен атентат, кога од мотор било пукано во нив додека биле во автомобил. Двајцата преживеале.
Рогановиќ и неговиот брат Душко станаа познати во јавноста во 2009 година поради нивната вмешаност во убиството на водачот на навивачката група „Делии“ Марко П. Весниќ.
Според обвинението, на 24 јули 2009 година браќата Рогановиќ и Дражен Чаѓеновиќ го убиле Весниќ и го раниле Иван Марковиќ во близина на Младинскиот парк во Игало.
За убиството, братот на Рогановиќ беше осуден на 12 години затвор, додека Владимир беше ослободен од обвиненијата.
Рогановиќ во Црна Гора беше осомничен за лажна дојава за бомба во дискотека, а во Србија минатиот мај тој беше осуден на осум месеци затвор за фалсификување документи. Додека бил во притвор, полицијата се сомнева дека нарачувал бомбашки напади пред куќата на браќата Миливоје и Миленко Иваничевиќ.
На членови на Кавачкиот клан им се суди за злосторничко здружување. Во Котор, покрај него, постои и друга мафијашка група наречена Шкаљари која доаѓа од истоименото место.
Кавачки клан и Шкаљари некогаш биле еден мафијашки клан, но по исчезнувањето на 200 килограми кокаин во Валенсија пред две години, меѓу нив започна крвава војна.
Како што пишуваа некои српски медиуми, судирот настанал откако еден од членовите на тогашниот заеднички клан го земал кокаинот како наплата бидејќи додека бил во затвор не се грижеле за него.
Пред две години, во нивните меѓусебни пресметки за само еден месец биле ликвидирани осум лица, а од декември минатата година тој број се зголемил на 24.
„Ако тие не се испоубијат едни со други, а се на добар пат кон тоа, тешко дека може да им се застане на опашката. За нив работат сите, а тие само за себе бидејќи тие се премногу богати“, рекол во интервју извор од врвот на српските безбедносни служби за „Србија денес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.