Регион
Хрватска го објави протоколот за свадби – најмногу 150 гости, на подиумот да се држи растојание од два метра
Хрватскиот завод за јавно здравје објави детаљни препораки за одржување свадби, кои од неодамна повторно се дозволени во Хрватска. Некои од препораките се стандардни – станува збор за потсетување на луѓето за одржување хигиена и дистанца од еден и пол метар. Исто така, се препорачува употреба на маски за персоналот.
Што се однесува до максималниот број на луѓе на свадби, тоа зависи од големината на просторот. Сепак, наведени се максимални броеви. До 15 јуни дозволени се 100 лица во затворен простор и 150 на отворено. Од 15 јуни овие броеви се 200 и 250 и од 1 јули ќе биде дозволено 300 луѓе во затворен простор и 500 на отворено.
Општата препорака е на три квадратни метри во салата да има едно лице. Исто така, се препорачува евиденција на гостите за полесно следење во случај на појава на коронавирус.
Понатаму, напишани се подетаљни препораки за одржување на свадбените прослави.
„Кога ги канат гостите, организаторите и младенците ги известуваат гостите за важечките мерки и даваат упатства и информации. Се препорачува гостите на возраст над 65 години или кои страдаат од хронични заболувања да не се канат на свадбената прослава“, се вели во известувањето.
Исто така, се препорачува сите места да бидат обележани со имиња. Луѓето, како што е наведено во препораките, не треба да се групираат, туку треба да одат на нивното место веднаш по влегувањето во салата.
„Се препорачува прво да влезат гостите кои седат во најоддалечениот дел од салата од вратата. Се препорачува гостите од исто домаќинство да седат на иста маса. Исто така, се препорачува распоредот за седење да биде точно утврден и непроменет за време на свадбената прослава“, се наведува во препораката.
Што се однесува до музиката, се препорачува растојание од четири метри помеѓу публиката и изведувачите.
Исто така, пропишани се посебни упатства за подиумот за танцување.
„Бројот на луѓе што може да бидат на подиумот во исто време зависи од големината на подиумот и се препорачува да се обезбеди простор од четири квадратни метри од човек. За време на поинтензивен танц, се препорачува одржување физичко растојание од два метра, освен помеѓу членови на исто домаќинство или меѓу лица што обично се во близок контакт“, пишува во протоколот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.