Регион
Црна Гора има највисока стапка на заразени во Европа
Црна Гора е на прво место во Европа по бројот на заразени коронавирус на 100.000 жители.
Податоците на европските статистички центри од крајот на септември покажуваат дека Црна Гора, со стапка од 1.699 заразени на 100.000 жители, има највисока стапка на заболување во Европа, пишува подгорички „Вијести“, повикувајќи се на „Танјуг“.
По Црна Гора следува Ерменија, додека Шпанија е на трето место меѓу 45 европски земји.
Пензионираниот епидемиолог, професор Новица Вујошевиќ, оцени дека Црна Гора поминала полошо од другите земји и дека нема оправдување за тоа.
„Со оглед на степенот на социјална организираност, квалитетот на медицинската услуга и структурата на персоналот, нема оправдување за толку голем број заразени лица“, рече тој, додавајќи дека проценува дека има најмалку три пати повеќе заразени од регистрираниот број.
Тој објасни дека приближно 80 проценти од заразените со вирусот немаат сериозна клиничка слика, дека некои не се јавиле на лекар и дека има и такви без симптоми кои не знаат дека се заразени и го пренесуваат вирусот.
Голем број откази
Во Црна Гора, во периодот од март до август, 15.097 вработени од вкупно 187.251 го изгубиле работното место, покажуваат најновите податоци на Заводот за статистика.
Најголем пад на бројот на вработени е забележан во Подгорица, пренесува порталот на Радио-телевизија Црна Гора.
По главниот град, најголем пад на бројот на вработени е забележан во Будва, следен од Херцег Нови, Никшиќ, Бар и Котор.
Ненад Ракошевиќ од Сојузот на синдикати вели дека главно луѓето во реалниот сектор останале без работа, особено оние од малите и средни претпријатија.
„За жал, во овие тешки времиња се покажа и неподготвеноста на државата соодветно да одговори на ваквите кризни ситуации“, рече тој.
Ракошевиќ наведува дека субвенциите и помошта обезбедена од државата биле селективни и нетранспарентни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.