Регион
Црна Гора прва во Европа по количината на лично вооружување
Според резултатите од истражувањето „Извештај за светската популација“ (World population review) за оваа година, Црна Гора е прва во Европа според количеството лично вооружување што се поседува легално, што значи дека секој трет жител е вооружен, односно дека од 100 жители, 39 граѓани поседуваат барем едно лично оружје.
Бројот на нелегално оружје не може да се утврди со сигурност бидејќи за тоа нема официјални записи. Криминологот, професор на Правниот факултет во Подгорица, Велимир Ракочевиќ, вели дека е тешко да се даде точна процена во врска со прашањето за нелегално оружје.
Криминолошките истражувања покажуваат дека црната бројка е доста висока кога станува збор за кривичното дело нелегално поседување оружје и распрскувачки материјали.
На глобално ниво, на две регистрирани парчиња оружје, има едно непријавено, што секако треба да претставува загриженост.
„Ова се оптимистички прогнози бидејќи во некои земји односот на пријавено и нелегално оружје е дури и 1:1“, вели Ракочевиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Професорот исто така смета дека поседувањето оружје е дел од традицијата во Црна Гора.
Црногорското Министерството за внатрешни работи соопшти дека минатата година се издадени 1.808 дозволи или одобренија за набавка на оружје, а тој број е сличен во последните пет години. Според податоците на тамошното МВР, физички и правни лица имаат регистрирано 100.430 парчиња оружје кај 67.223 сопственици. Од таа бројка, 38.486 парчиња се во сопственост на лица што се занимаваат со спортско стрелаштво.
Во полициските акции за доброволно предавање оружје во државата, кои беа спроведени од 2015 до 2021 година, биле предадени 1.865 парчиња оружје, 1.006 делови за оружје, 345 минско-експлозивни средства и 33.822 парчиња муниција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.