Регион
Јадранот се задушува во пластика и е меѓу најзагадените мориња во Европа
Концентрацијата на пластичен отпад на дното на Јадранското Море е меѓу најголемите во Европа по североисточниот дел на Медитеранот и Келтското Море.
Отпад во Јадранот стигнува од речиси четири милиони луѓе што живеат покрај брегот, а тој број се зголемува речиси шестпати за време на туристичката сезона, предупредува меѓународен тим на експерти во студија објавена во списанието Marine Pollution Bulletin, пренесува хрватски „Индекс“.
Како што се наведува, посебен проблем за Јадранот е тоа што се работи за релативно мало, плитко и полузатворано море, кое е поврзано со Средоземното Море, кое исто така е полузатворено и загадено.
Во водите во јужна Хрватска околу 90 отсто од пластичниот отпад доаѓа поради струите и ветровите, најмногу од Албанија.
Перо Тутман од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит (IZOR) вели дека 70-80 проценти од отпадот во морето доаѓаат од копното, а остатокот е од морето по пат на транспорт, туристички активности, риболов и платформи далеку од брегот.
„Медитеранот, за жал, е едно од загадените мориња бидејќи станува збор за полузатворен базен, а кон него гравитираат повеќе земји со различен цивилизациски развој. Има голем број земји од Азија, Африка и од Европа и, за жал, не во сите е докрај развиено нивото на еколошка свест и однесување“, вели Тутман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пожар во Атина: Се запали станбена зграда, пет противпожарни возила на лице место
Пожар избувна на високо приземје на станбена зграда во атинската населба Ризуполи. Како што јави грчкиот јавен сервис ЕРТ, на лице место излегле 16 пожарникари со пет возила.
Мобилизирани се и два камиони со скали, доколку е потребно да се евакуираат станарите од горните катови.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.