Регион
Српски новинари напуштија конференција за време на говор на Вучиќ
Десетина српски новинари од неколку редакции во знак на протест напуштија регионална медиумска конференција во Белград, за време на говор на српскиот премиер Александар Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.
Конференцијата ја напуштија новинари од Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС), КРИК, БИРН, Центарот за истражувачко новинарство од Црна Гора и Маглочистач од Суботица. Директорот на ЦИНС, Бранко Чечен изјавил дека се решил на тој чекор бидејќи Вучиќ ја пропуштил шансата да започне вистински дијалог со медиумите и новинарите, додека неговите соработници, пак, имаат уште полош однос кон новинарската професија.
„За мене би било понижувачко да седам на оваа конференција и да разговарам за слободата на медиумите со човек кој покажа дека ни најмалку не се грижи за слободата на медиумите. Уште помалку сакам да слушнам од него за квалитетот на медиумите и квалитетната новинарска работа во оваа земја. Тој не е стручен за тоа, нити пак после сето она што им го направи на медиумите има право да говори за нив“, рекол Чечен.
По обраќањето на Вучиќ, генералниот секретар на медиумската организација СЕЕМО, Оливер Вујовиќ на присутните им соопштил дека Вучиќ ќе одговара само на прашања на странските новинари.
Претседателот на Независното друштво на новинари на Војводина (НДНВ), Недим Сејдиновиќ во вторникот протестно го откажал учеството на регионалната медиумска конференција во Белград и навел дека го прави тоа бидејќи било најавено дека на неа ќе се обрати српскиот премиер, за кого рекол дека е „проверен непријател на медиумските слободи“.
„Медиумската конференција која ја отвора Александар Вучиќ, проверен непријател на медиумските слободи, за мене не само што не е релевантна, туку ја сметам како шамар за сите оние новинари кои се жртви на политичкото насилство на власта кое тој го персонифицира“, навел Сејдиновиќ.
Вучиќ, пак, во својот говор изјавил дека тој и српската влада никогаш директно не вршеле притисок над медиумите и дека сака да ги обесхрабри оние кои тоа го работат. „Се противам на какво и да е мешање во уредничката политика, но доколку има и самопрогласени заштитници на моето дело – нема потреба кој и да е да ме брани, способен сум тоа да го направам сам“, рекол Вучиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.