Регион
Белград со големи предизвици го презема претседавањето со ОБСЕ
Србија од 1-ви јануари 2015 го започнува претседавањето со Организацијата за безбедност и сигурност во Европа (ОБСЕ), со големи предизвици и на внатрешен и на надворешно политички план, и се очекува дека ова ќе претставува испит за Белград за неговите вистински позиции во мултилатералните односи и придонес за заемната доверба во регионот.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ последните денови од 2014 година особено истакнуваше дека Белград, станувајќи дипломатска престолнина за 57-те држави членки на ОБСЕ, и на претставниците на 11 други земји, ќе биде „веродостоен и чесен преговарач“.
Преговарачката умешност на српското раководство ќе биде особено неопходна во врска со кризата во Украина, бидејќи Србија како традиционален регионален партнер на Москва се наоѓа меѓу чеканот и наковалната во врска со своите тежнеења за асоцирање со Европската унија. Овие односи во меѓувреме станаа уште посложени, бидејќи Брисел и натаму очекува Белград, како кандидат за членство во ЕУ, да се придружи кон европските санкции против Москва, а истовремено од Кремљ стигнуваат пораките кои го охрабруваат српскиот државен врв да остане на истиот политички курс на „традиционалното руско-српско пријателство“.
Дачиќ пред крајот на минатата година токму со посетата на Украина настојуваше дополнително да ја појасни позицијата на Србија во односите на релацијата Брисел – Белград – Киев – Москва, и според оцените на српските медиуми, се врати задоволен од украинското разбирање на позициите на Србија. Тоа, пак, од поинаков агол го толкуваше украинскиот амбасадор во Белград, Микола Џугин со оценката дека неговата земја е „задоволна од ставовите коишто Србија ги изнесе пред преземањето на претседателствувањето со ОБСЕ“. „Не сметаме дека традиционалното пријателство на Србија и Русија претставува проблем“, рече Џугин, но порача дека санкциите против Русија „се начин да се почитува меѓународното право“, како и дека Киев од Белград очекува „некои храбри потези“.
Дипломатскиот одговор на Белград дека тежиштето го става на мировниот процес го истакна Дачиќ. „Свесни сме дека и во 2015 година Украина ќе биде доминантната тема во ОБСЕ. Во тој контекст главниот приоритет на нашето претседавање ќе биде поттикнување на сеопфатен мировен процес“, порача шефот на српската дипломатија, истакнувајќи дека „приоритети на Србија останува и западниот Балкан“, како и јакнењето на односите во регионот за да се надминат проблемите од минатото. Тие проблеми од минатото Србија, како што најави Дачиќ, ќе ги решава „особено со најблиските соседи“.
Паралелно со претседавањето на ОБСЕ, Србија има обврска и да го одржува напредокот во европските интеграции, дијалогот и дополнителната нормализација на односите со Приштина, а раководството во Белград повеќепати укажуваше дека истовремено ќе настојува да ги зајакне односите со државите надвор од ЕУ, меѓу кои доминантни се врските со Русија и со Кина.
Првите потези на Србија од позиција на претседавач со ОБСЕ ќе бидат видливи уште по 15-ти јануари, кога министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ од швајцарскиот колега формално треба да го преземе водењето со Постојаниот совет на ОБСЕ, што всушност претставува и официјален почеток на претседателствувањето.
Во секој случај Србија ќе биде пред големо искушение и испит, бидејќи како претседавач со ОБСЕ, доаѓа во многу непријатна позиција да исполни големи очекувања од партнерите на Западот и на Истокот, и истовремено да ги надмине предизвиците во регионот како држава којашто настојува да се наметне како еден од овдешните лидери./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.