Регион
БиХ: Вујко и вујна убија двогодишно момченце
Двегодишно момченце е брутално убиено во Зворник, во источна Босна, а за ова злосторство се осомничени вујкото и неговата невенчана сопруга, потврди во вторникот локалната полиција.
По момченцето кое имало само дваесет месеци полицијата на Босна и Херцеговина трагаше од 18-ти август, кога е пријавено неговото исчезнување.
„Со оперативните мерки на теренот полициските службеници дошле до сознанија дека лицата Ф.Д и М.С. најверојатно му го одземале живото на детето“, соопштиле од полициската управа во Бијелина, која ја покрива и областа на Зворник, пренесува агенцијата Hina.
Локалните медиуми, пак, објавија дека се уапсени Мијат Станкиќ и неговата невенчана сопруга Фатима Дурак.
Бањалучкиот дневен весник Независне новине пренесува, повикувајќи се на портпаролката на полицијата во Бијелина Александра Симојловиќ, дека Станкиќ и Дурак го признале злосторството и на иследниците им го покажале местото каде е закопано детето, но мотивите поради кои го извршиле ова страшно злосторство уште се непознати.
Убиеното момченце и неговото братче се деца на разведени родители, а социјалната служба грижата за нив ја доделила на бабата којашто живеела со нив во селото Каменица. Во нивното соседство живееле и вујкото и неговата партнерка, на коишто бабата им ги поверила на чување внучето.
Исчезнувањето на детето го пријавил таткото Слаѓан Реџиќ, кој ја предупредил полицијата на 16-ти август кога барал да се види со синот, но бабата и вујкото не му дозволиле, а детето било видено последен пат со Фатима Дурак./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.