Регион
Бројот загинати во нападот на Анкара се зголеми на 102, притворени се 13 луѓе
Бројот на загинатите во двојниот самоубиствен бомбашки напад во Анкара од 10-ти октомври се искачи на 102 луѓе, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител на турската престолнина, додавајќи дека 13 лица кои се наводно поврзани со нападот се притворени.
Сите жртви, освен една се идентификувани, а осомничените за некаква поврзаност се испрашуваат, се наведува во писмената изјава што во саботата ја пренесува интернет изданието на дневниот весник Hurriyet и додава дека идентитетот на двете најнови жртви треба да биде соопштен подоцна во текот на денот.
Обвинителството на Анкара наведува дек истрагата довела до „значајни докази и информации“ во однос на сторителите на нападот, и бара од турската јавност „да не подлегнува на шпекулативните извештаи и трпеливо да ги сочека резултатите од истрагата“ којашто сé уште трае. Во меѓувреме, вкупно 13 осомничени остануваат во притвор, во рамките на истрагата за нападот кој е најкрвавиот терористички акт во турската историја, додава обвинителството.
Турските медиуми пишуваат дека двајца од осомничените за бомбашкиот напад на главната железничка станица во Анкара пред почетокот на поворката против турско-курдскиот судир на југоистокот од Турција во која учествуваа активисти на синдикатите, невладините организации, левичарски движења и прокурдски партии, и претходно биле под истрага на турските безбедносни служби за наводна поврзаност со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда. Меѓутоа, како што пишува порталот Radikal, таа истрага била затворена.
Двајца браќа близнаци, Омер Дениз дундар и Махмут Гази Дундар, наводно минатата година биле под истрага на обвинителството под обвинение за поврзаност со Ал Каеда, но истрагата по налог на јавниот обвинител во југоисточната покраина Адијаман била затворена. Порталот истакнува дека истрагата била запрена, и покрај сведочењето на таткото на близнаците дека двајцата уште во септември 2013 година заминале во соседна Сирија да се борат во редовите на екстремната сунитска организација Исламска држава, пред да се вратат во Турција. Потоа двајцата повторно заминале во Сирија, според документите на истрагата, на кои се повикува порталот.
Градот Адијаман стана озлогласен во Турција како место каде што се шири радикализмот меѓу младите сиромашни луѓе, и тамошното обвинителство има покренато повеќе обвиненија за придружување на екстремните терористички организации. Се наведува, дека во оваа покраина имало и камп за обука, за кој подоцна било откриено дека го користела Исламската држава./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.