Регион
Бугарија и Романија и натаму недоволно во правосудството и против корупцијата
Бугарија и Романија мора да сторат повеќе во борбата против корупцијата, организираниот криминал и во отстранувањето на недостатоците во правосудниот систем, оцени во средата Европската комисија во својот извештај за мониторингот на овие две најсиромашни земји членки на Европската унија.
Веднаш по приемот во Европската унија на 1-ви јануари 2007 година на Бугарија и Романија беше воспоставен Механизмот за верификација и соработка, со чија помош се оценува како овие две земји ги исполнуваат своите обврски во областите на правосудството и борби против корупцијата. Во рамките на овој механизмот Европската комисија редовно објавува извештаите.
Механизмот е воведен бидејќи ниту Бугарија ниту Романија во целоста не беа подготвени за членство, меѓутоа сепак им е дозволен влез во Европската унија, со тоа и натаму да се следи нивниот напредок во споменатите области.
Европската комисија оцени дека напредокот на Бугарија во текот на изминатата 2014 година бил „бавен“, додека Романија доби за нијанса подобра оцена.
„Сега е време за градење политички консензус поради забрзувањето на реформите во Бугарија. Реформите кои ги идентификувавме и ги препорачавме во нашиот извештај ќе помогнат во враќањето на довербата на граѓаните и оние кои сакаат да инвестираат во земјата“, се наведува во извештајот на потпретседателот на Комисијата, Франс Тимерманс. Во извештајот се истакнува дека „има многу малку примери на корупција на високо ниво кои до крај и во целост се процесуирани“.
Кога станува збор за Романија, Тимерманс вели дека оваа земја е на „вистинскиот пат“. „Довербата меѓу Романците во правосудството воопшто и во процесуирањето на корупцијата особено, зголемено е поради поголемиот професионализам во правосудниот систем во целина. Но, борбата против корупцијата останува и натаму останува голем предизвик, и напредокот од минатата година мора да биде продолжен и во оваа“, истакнува Тимерманс.
Комисијата, исто така, ѝ забележува на Романија за „неконзистентност“ во судските одлуки, неволноста на парламентот да применува пресуди и недостиг од парламентарната одлука за тоа дали може пратениците кривично да бидат гонети како и другите граѓани.
Следниот извештај за Бугарија и Романија, Комисијата ќе го објави за една година.
Механизмот за надзор би требало да остане на сила се’ додека Комисијата не оцени дека двете земји ги исполнуваат поставените мерила. Претседателот ан Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека би сакал тој мониторинг да биде завршен до крајот на неговиот мандат во 2019 година.
Поради недостатоците во областите на правосудството и внатрешните работи, Романија и Бугарија се’ уште не станаа членки на Шенгенскиот простор./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двегодишното девојче кое исчезна во Србија се бара насекаде, полицијата врши распити на голем број лица
Потрагата по девојчето Данка Илиќ (2), кое во вторникот исчезна во Бањско поле во Бор, се уште трае и не се знае како е можно девојчето да се изгуби. Полицијата ја проверува секоја информација што ќе дојде до нив, сослушани се неколку лица, повторно се разговараше со родителите, но ниту една информација не укажува на тоа што се случило и каде е Данка, пишува „Нова.рс“
Екипата на порталот денеска беше во Бањско поле каде се уште има голем број полицајци. Властите со багер го чистеа теренот околу куќата во која последен пат била видена Данка. Исто така, на имотот е извршено ископување, а јамите повторно се пребаруваат.
Полицијата ја истражува секоја трага што може да укаже на тоа што се случило со девојчето.
„Полицијата разговараше со голем број луѓе, соседи, познаници, се со цел да ја пронајде Данка. Досега ниту една трага не довела до тоа каде е девојчето или што и се случило“, вели изворот на Нова.рс.
Истрагата се одвива во повеќе правци, а денеска полицијата повторно разговараше со родителите на девојчето.
„На вториот ден од нејзиното исчезнување, родителите на девојчето биле во полиција до доцна во ноќта. Тие утрово биле повторно повикани, а исто така цел ден поминале во полициска станица. Не се познати околностите врз основа на кои два дена биле на распит. Извесно е дека родителите вчера имале разговори и со Центарот за социјална работа, а повеќе од тоа не се знае“, додава изворот на „Нова.рс“.
Неофицијално беше објавено и дека полицијата нашла нова трага, односно дупка на местото на кое исчезна девојчето, и дека целото внимание го насочува кон тоа.
Она што е сигурно е дека се проверуваат сите околности и се сослушуваат и сите лица кои можеби имаат сознанија за случајот.
Меѓу нив е и кој бил зад воланот на автомобилот „пунто“ што го снимиле надзорните камери на куќата во Бањско Поље, во моментот на исчезнувањето на малата Данка. Куќата пред која е снимен автомобилот се наоѓа на стотина метри од местото каде исчезна Данка.
На снимката се гледа автомобил кој брза околу 13 часот и 47 минути, а малото девојче исчезнало малку пред тоа, околу 13 часот и 45 минути, како што вели нејзината мајка.
„Ја знам таа жена, ја видов како носи две деца во парк, страшно е што се случи“, велат соседите.
Девојчето Данка Илиќ исчезна во вторникот во Бањско Поље кај Бор. Во средата по 27 часот полицијата ја прекина потрагата и започна друг вид на акција за пронаоѓање на детето. Во ова мало место кај Бор се уште остана одреден број полицајци, а вчера беше блокиран и пристапот до куќата.
Во потрагата по исчезнатото дете се вклучени припадници на Жандармеријата, пожарникари, планинска спасувачка служба, како и голем број доброволци.
Регион
„Само се шалевме“ – уапсените поради тврдењата за исчезнатото девојче се донесени во полиција
Тројцата кои беа уапсени во Босна и Хервеговина, а тврдеа дека имаат информации за исчезнатото девојче од Србија, Данка Илиќ и бараа пари, во полиција рекле дека „само се шегувале“, пренесува Н1 Сараево.
Федералната полициска управа вечерва уапси три лица кои на социјалните мрежи тврдеа дека имаат информации за исчезнувањето на двегодишното девојче од Србија, Данка Илиќ, по коешто трага речиси целиот регион.
Како што јави известувачот на Н1, уапсените биле донесени во зградата на Федералната полициска управа.
Како што се дознава, за време на преносот во живо на „Тик-ток“, тие побарале десетици евра за да ја откријат локацијата на девојчето и тврделе дека ја чуваат во подрумот.
Веднаш по апсењето изјавиле дека „само се шегувале“. Сите уапсени се членови на исто семејство.
Инспекторите на Одделот за компјутерски криминал на Федералната полициска управа преку ИП адресата ги лоцираше лицата кои тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на детето.
Вчера на социјалните мрежи се појави видео од надзорната камера на куќа лоцирана во близина на местото каде исчезна Данка Илиќ во 13:45 часот.
На видеото се гледа автомобил кој брза во 13 часот и 47 минути, а малото девојче исчезнало малку пред тоа, односно во 13 часот и 45 минути, како што рекла нејзината мајка.
Регион
Барале 25.000 евра за да дадат информации за исчезнатото девојче: детали за апсењето на три лица во БиХ
Припадниците на полицијата привеле три лица, кои се осомничени дека преку ТикТок објавиле дека се поврзани со исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ (2) во Србија.
„Федералната полициска управа, постапувајќи според актот на НЦБ Интерпол Белград, презеде мерки и дејствија од нејзина надлежност, што резултираше со лишување од слобода на три лица на територијата на Хаџиќ, Сараево“, беше потврдено и кои се сомничат дека имале сознанија за исчезнување на малолетно девојче од Србија.
Инспекторите на Одделот за компјутерски криминал на Федералната полициска управа, ги лоцирале по пат на ИП адреса лицата кои тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на малолетно девојче, односно барале 25.000 евра за откривање информации.
„Малолетното девојче не е пронајдено на територијата на Хаџиќ, а кривичната истрага за лицата лишени од слобода е во тек“, изјави сојузниот инспектор Ервин Мушиновиќ.
Девојчето Данка Илиќ (2) во вторникот исчезна во Бањско поле кај Бор.
Оттогаш, потрагата по неа трае, а во Србија за прв пат е активиран системот амбер алерт.