Регион
Бугарија забрани бурки и друга облека која го прекрива лицето

Бугарија, со гласање на пратениците, во петокот го усвои законот со кој на поголемиот дел од јавните простори во земјата се забранува носење на делови од облеката кои го прекриваат лицето, вклучително и бурките кои ги носат муслиманските жени.
Бугарската десна партија Патриотски фронт кон средината на јуни поднесе закон со објаснување дека бурките и другата облека којашто го крие лицето ја зајакнуваат заканата од тероризам. Нацрт законот предизвика жестоки дебати во парламентот, но сепак беше прифатен од мнозинството пратеници. Забраната треба да важи за јавните институции, места поврзани со безбедноста, образовни и културни институции, каде што се пружаат јавни услуги и места за масовна рекреација и спортски приредби.
Според иницијаторите на законот, носењето ваква облека може да го олесни извршувањето на терористички акти со потенцијално голем број жртви. Забраната нема да важи во приватните домови и официјалните места на кои се врши богослужба. Предлог-законот мина неколку парламентарни комисии и читања во парламентот и беше одобрен од сите. Во меѓувреме, ваква забрана беше воведена во неколку градови во Бугарија на локално ниво. Еден од првите градови беше Пазарџик, каде што локалните власти веќе имаат изречено неколку казни за прекршување на забраната.
Во текот на гласањето, парламентарната група на партијата на турското малцинство ДПС, го напушти Народното собрание одбивајќи да учествува во носењето на, како што го нарече нејзиниот лидер Мустафа Карадаји, „Законот за забрана на бурките“.
Според одредбите од законот, казната за носење на облека којашто го прекрива или сосема го сокрива лицето на јавно место ќе изнесува 200 лева, или 100 евра за прво прекршување на законот, а 1.500 лева за секое народно непочитување на законот. Доколку, пак, лицето коешто ќе го наруши законот е носител на јавна функција, мандатната парична казна ќе изнесува десет пати повеќе, односно 2.000 лева и уште толку за секој натамошен прекршок. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Хрватските навивачи донесени во суд во Атина, еден од нив извика: Пленковиќ извади не надвор

Денеска, во судот во Атина продолжи распитот на Бeд Блу Бојс, осомничени за навивачките нереди во август во кои беше убиен еден навивач на АЕК.
Првата група од 38 навивачи вчера доби можност да ја дополни одбраната откако во истрагата беа извршени ДНК и дактилоскопски вештачења во кои не беа пронајдени нови докази против нив.
Денеска пред суд беше изведена уште една група.
На снимката од пристигнувањето на Бeд Блу Бојс во судот објавена од хрватската Н1, се слуша како еден од навивачите вика: „Пленковиќ, извади не надвор“.
Регион
Неколку лица избодени со нож при тепачка во градски парк во Приштина

Неколку лица се избодени со нож во градски парк во Приштина, каде непосредно претходно настанала тепачка, пренесува Телеграфи.
Според првите информации, конфликтот се случил во населбата „Качаларет“.
Еден од учесниците во инцидентот, кој е осомничен дека замавнал со нож, бил сопрен од граѓанин.
Косовската полиција се уште не излезе со официјално соопштение.
Регион
Грција: Рап пејач ограбувал банкомати со експлозив, за да плати спотови

Полицијата во Грција уапси рап-уметник, обвинет дека употребил експлозив за ограбување банкомат, за да ги финансира неговите музички спотови, соопштија денеска грчките власти.
28-годишниот маж, чие име не е објавено, беше уапсен викендов заедно со уште двајца осомничени, на возраст од 26 и 27 години, откако полицијата упадна во имот во близина на Атина и претресе неколку возила, објави АП.
Агенцијата забележува дека во таа акција полицијата запленила 1,5 килограми експлозив, автоматска пушка М16, четири пиштоли и нешто повеќе од 200.000 евра во готовина. „Тие переле пари трошејќи огромни суми преку музичката индустрија или во казина“, изјави полицискиот бригаден генерал Јоанис Скорас, пренесуваат медиумите во регионот.
Портпаролката на полицијата Констанција Димоглиду изјави дека бандата е поврзана со 10 напади на банкомати во повеќе делови на Грција, главно на изолирани локации, а досега украла вкупно околу 710.000 евра. Тројцата осомничени се соочуваат со обвиненија за повеќекратни грабежи, недозволено поседување огнено оружје, како и поседување и употреба на експлозиви и кражба на возила, јавува Танјуг.