Регион
Бугарската претседателка му го даде мандатот за формирање влада на Радев
Бугарската претседателката Илијана Јотова објави дека ќе го даде мандатот за формирање нова влада на Прогресивна Бугарија, партијата на поранешниот претседател Румен Радев, која оствари убедлива победа на парламентарните избори во април.
Прогресивна Бугарија освои 44,7 проценти од гласовите и може да владее сама, иако не ја исклучи можноста за коалиција со проевропски блок и помала партија.
Проевропската коалиција „Продолжување на промените – Демократска Бугарија“ доби 13,2 проценти, а до неодамна владејачката партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов доби 13,4 проценти од гласовите.
Резултатот, кој ги победи анкетите, е една од најубедливите победи на бугарска партија и би можел да стави крај на периодот на политичка нестабилност што доведе до осум избори во последните пет години.
Изборите беа распишани откако претходната влада се обиде да протурка контроверзен буџет минатиот декември, предизвикувајќи масовни протести што Радев, како претседател, ги поддржа.
62-годишниот Радев се смета за прагматичен, донекаде проруски лидер кој ги критикуваше санкциите на ЕУ и повика на конструктивен дијалог со Кремљ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Коњуфца: Неопходно е Косово да добие статус на кандидат за ЕУ
Министерот за надворешни работи на Косово, Глаук Коњуфца, изјави дека е неопходно Косово да добие статус на кандидат, со што би се потврдил рамноправниот пристап на Европската унија (ЕУ) кон сите земји од Западен Балкан.
„Подготвени сме да дејствуваме во рамките на процесот заснован на заслуги, но ова подразбира и добивање на кандидатски статус и почеток на преговорите за членство со Европската унија. Првиот чекор е предавање на прашалникот“, изјави Коњуфца.
Тој, заедно со уште пет министри за надворешни работи од регионот, учествуваше на состанокот на министрите на државите од ЕУ, каде што се расправаше за приликите на Западен Балкан.
Косово ја поднесе апликацијата за кандидатски статус во декември 2022 година, меѓутоа ЕУ сè уште го нема разгледано овој документ. Главната причина е недостатокот на едногласност меѓу државите членки на Унијата, со оглед на тоа што пет од нив не ја признаваат независноста на Косово. Со тоа, Косово е единствената земја во регионот која припаѓа на групата за проширување, но сè уште нема официјален статус на кандидат, пишува „РСЕ“.
На состанокот меѓу министрите на ЕУ и колегите од Западен Балкан се расправаше и за злонамерните надворешни влијанија и отпорноста на државите од регионот кон овие негативни појави.
„Она што ја поткопува безбедноста на Западен Балкан и на цела Европа е злонамерното мешање на Русија во регионот. Затоа, на проширувањето треба да се гледа како на стратешка неопходност“, изјави шефот на косовската дипломатиа.
=Осврнувајќи се на дијалогот со Србија, Коњуфца изрази подготвеност на косовската страна конструктивно да го продолжи процесот кој, според него, треба да заврши со меѓусебно признавање.
Инаку, шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, призна дека постоела подготвеност кај премиерот на Косово, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да дојдат во Брисел на нова рунда дијалог на највисоко ниво. Сепак, таа истакна дека повеќекратните изборни циклуси во Косово го развлекуваат овој процес.
Регион
Земјотрес во Црна Гора: „Тресеше силно“
Земјотрес со магнитуда од 3,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран во понеделник, 11 мај 2026 година, во 11:59 часот, на територијата на Црна Гора.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот се наоѓал на 17 километри североисточно од Херцег Нови.
Граѓаните велат дека земјотресот бил добро почувствуван, пренесува „Телеграф“.
„Се тресеше добро“, „Се тресеше добро, траеше неколку секунди“, „Стаклото на прозорците се тресеше“, напишаа граѓаните на Херцег Нови.
Во Тиват, исто така се тресеше добро.
„Ме зафати земјотрес во канцеларијата. Беше навистина силен. Траеше само неколку секунди, но мониторите на бирото се нишаа и се слушна татнеж во зградата“, сведочат граѓаните.
Земјотресот бил почувствуван и во Будва, но и во Хрватска.
„Се тресеше“, „Беше кратко, но се почувствува“, изјавија граѓаните на Будва, Петрача и Дубровник.
Засега нема информации за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Регион
Промени во Хрватска: нови правила за издавање сместувања
Германските медиуми пишуваат за нови правила што се воведуваат за приватно туристичко сместување од 2027 година, а кои би можеле значително да го променат начинот на издавање апартмани и куќи за одмор.
Според нацрт-законот, сите приватни издавачи ќе мора да имаат официјален регистрациски број, без кој повеќе нема да можат да ги огласуваат своите објекти на платформи како Booking.com и Airbnb.
Веста веќе предизвика загриженост меѓу туристите, особено Германците кои сочинуваат најголем број странски гости во Хрватска, пишува „Fenix magazin“.
Во Хрватска, приватните апартмани и куќи за одмор во иднина ќе мора да имаат службен регистрациски број. Иако законот сè уште не е официјално усвоен, најавените промени веќе предизвикуваат загриженост меѓу туристите и издавачите низ Европа.
Според моменталниот предлог-закон, новите правила треба да стапат во сила на 1 јануари 2027 година. За ова извести BR24 на 10 мај 2026 година.
Според нацртот, сите приватни издавачи во Хрватска ќе мора да побараат посебен регистрациски број преку онлајн систем. Тој број ќе биде задолжителен за огласување и издавање апартмани, куќи за одмор и други форми на приватно сместување.
Ромео Драгичиo, директор на Хрватската туристичка заедница, изјави за BR24 дека се планира законот да стапи во сила на почетокот на 2027 година, по што издавачите ќе имаат преоден период за регистрација на своите објекти.
Експертот за права на патници Оливер Батлер од Германскиот центар за заштита на потрошувачи Баден-Виртемберг смета дека туристите кои резервираат сместување во 2026 година немаат причина за загриженост.
Новите правила произлегуваат од уредба на Европската унија од 11 април 2024 година, со која се уредува собирањето и размената на податоци за краткорочно изнајмување сместување. Уредбата на ниво на ЕУ почнува да се применува од 20 мај 2026 година, а сите земји членки се обврзани да ја пренесат во националното законодавство.
Целта е зголемување на транспарентноста и безбедноста за гостите, како и обезбедување дека туристичкото сместување се издава согласно прописи и категоризација.
Хрватските власти истовремено сакаат дополнително да ја сузбијат нелегалната дејност и сивата економија во туристичкиот сектор.
Што значи тоа за туристите?
Од 2027 година, гостите ќе можат едноставно да проверат дали сместувањето што го резервираат е официјално регистрирано. Платформите за резервации како Booking.com и Airbnb ќе бидат обврзани да отстранат објекти кои немаат важечки регистрациски број.
Без регистрација, приватните издавачи повеќе нема да смеат да нудат ниту да огласуваат сместувачки капацитети. Секој објект ќе мора да има свој број, а за прекршување на правилата се предвидени санкции, пренесе „Б92“.
Важно е да се нагласи дека новите правила нема да се однесуваат на хотели и кампови.
Поголема безбедност и помалку лажни огласи
Според Оливер Батлер, новата регулатива би можела да има и позитивни ефекти за патниците.
„На платформите за резервација сè почесто се појавуваат лажни огласи и профили. Регистрацискиот број би можел да им помогне на туристите полесно да проверат кој е вистинскиот сопственик на апартманот, што би ја зголемило безбедноста при резервација“, истакна тој.
Според нацртот, туристите кои ќе резервираат нерегистрирано сместување нема да сносат никакви казни ниту правни последици.
Како реагираат Booking и Airbnb?
Платформата Booking.com ја поздрави новата европска уредба, наведувајќи дека таа носи појасни и единствени правила за пазарот на краткорочно изнајмување.
Од компанијата порачуваат дека краткорочното изнајмување има важна улога во туризмот, но дека мора да се води сметка и за влијанието врз локалните заедници.
Сличен став има и Airbnb, кој најави соработка со државните институции и поддршка за „пропорционални правила“ за краткорочно изнајмување.
