Регион
Ципрас е убеден дека ќе формира влада по изборите
Челникот на коалицијата на радикалната левица Сириза и досегашен грчки премиер Алексис Ципрас, уште еднаш во саботата ја отфрли можноста да коалицира со конзервативната партија Нова демократија, и е убеден дека ќе може самостојно да формира нова влада.
По вторпат за неполни девет месеци Грците на 20-ти септември ќе излезат на предвремени парламентарни избори. Според резултатите од досегашните анкети, ниедна партија нема да може да освои парламентарно мнозинство од 151 пратени во 300-члениот грчки парламент, со што би можела самата да формира влада.
„Нема услови за соработка (со Нова демократија), затоа што нашите програми многу се разликуваат, нема заеднички цели. Ние сакаме да го надминеме она, што Нова демократија и нејзиниот лидер Вангелис Меимаракис сакаат да го сочуваат“, изјави Ципрас во интервјуто за телевизијата Skai.
„Зошто наеднаш му се допаѓам на Меимаракис: Кога тој вели дека сум лажго, итрец, политички измамник, како може сега да се зборува дека сака соработка? Тоа е лицемерство“, рече челникот на Сириза.
Ципрас остро ги критикуваше и социјалистичкиот Пасок и партијата Потами, искажувајќи големо сомневање дека е остварлива коалиција со нив. „Една работа е да сакате дијалог, а друга е да сакате да соработување со луѓето кои имаат поинаква идеологија, па иако се со чесни намери“, рече лидерот на Сириза.
Поранешниот грчки премиер е убеден дека по претстојните избори ќе може да формира влада. „На сите им е јасно кој ќе победи на изборите, односно ќе ја формира владата. Има 15 до 20 отсто неопределени гласачи, но победничката партија, доколку и нема да има мнозинство во парламентот, ќе може да формира влада“, рече Ципрас.
Тој повторно го бранеше договорот со меѓународните доверители за новата трета по ред програма за финансиска помош на Грција, кој го постигна по мачните долги преговори, велејќи дека тој е „десет пати подобар“ од оние кои ги постигнаа Пасок и Нова демократија. Ципрас, исто така, тврдеше дека „трипати ги напуштал преговорите“ со кредиторите на 12-ти јули, но оти на преговарачката маса го враќал францускиот претседател Франсоа Оланд.
Ципрас призна дека направил грешки и затоа на овие избори не сака да дава ветувања. „Имаме повеќе искуство и сега поцврсто ќе чекориме“, рече додавајќи дека никој не може да го обвинува дека не ги исполнил ветувањата./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.