Регион
Црна Гора влегува во НАТО
НАТО ги завршува преговорите за приклучување на Црна Гора, а Протоколот за приклучување ќе биде потпишан во четврток, на маргините на средбата на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел.
Постојаниот претставник на САД и НАТО во Црна Гора, Даглас Лут, вели дека на ратификација на пристапувањето на Црна Гора кон Алијансата ќе се чека со месеци.Според Лут, потпишувањето на Протоколот е важен чекор кон пристапувањето, затоа што покренува процес на ратификација во националните парламенти.„Тоа е повеќе од бирократски чекор. Сите го читаат членот 5 од Вашингтонскиот договор, но битен е членот 10 кој вели дека членството е отворено за сите кои ги демонстрираат вредностите на алијансата – демократија, владеење на правото и може да придонесат за колективна одбрана“, вели Лут.Откако Црна Гора ќе го потпише Протоколот за приклучување, веднаш може да учествува на средбата на министрите за надворешни работи на Алијансата, во улога на набљудувач. Официјалниот прием на земјата ќе следи откако Протоколот ќе биде ратификуван од страна на сите 28 држави членки на НАТО. Според процените, тоа веројатно ќе биде завршено наредната година.„Ова е историски ден за Алијансата, за Црна Гора и за стабилноста на западен Балкан“, изјави во средата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.Според Столтенберг, секоја суверена држава има право да избере свој пат по прашањето на безбедноста. Нема „апсолутно никаква причина“ ова право да ѝ се одзема на Црна Гора, смета тој. Црна Гора ќе стане 29-та членка на НАТО. Со приемот на земјата, чија армија брои само 2.000 војници, источната крајбрежна линија на Јадранот ќе биде целосно НАТО-подрачје.Претходно, во 2009 година, на Алијансата ѝ се приклучија Хрватска и Албанија. Македонија исто така чека на прием во НАТО. Вчера, на прес-конференција, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг оцени дека „вратата во НАТО е сѐ уште отворена, но од суштинско значење е лидерите на земјата да ги решат проблемите со владеењето на правото, вклучително и повлекување на претседателската амнестија“./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.