Регион
Црногорка од крузерот со хантавирус, префрлена во карантин
Црногорска државјанка која била член на екипажот на бродот „MV Hondius“, по пристигнувањето на Тенерифе била префрлена во карантин во Холандија поради сомнежи за хантавирус.
Епидемиологот Марија Божовиќ изјави дека жената моментално е во добра состојба и нема симптоми.
„Таа нѐ извести дека се чувствува добро и досега нема никакви знаци на болеста“, рече Божовиќ, пренесува „Б92“.
Таа додаде дека при транспортот биле спроведени строги превентивни мерки и дека немало контакт со други лица.
Според докторката, црногорската државјанка била тестирана веднаш по слетувањето во Холандија и резултатот бил негативен на хантавирус.
Сепак, ќе остане во изолација шест недели и ќе биде под здравствен надзор, бидејќи кај неколку патници без симптоми бил регистриран вирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Чекаме веќе три часа“ – огромни колони на грчката граница донесе почетокот на летниот распуст
Почетокот на летниот распуст и сезоната на годишни одмори ги донесе првите големи гужви на граничните премини кон Грција, една од омилените летни дестинации на туристите од регионот.
Според сведоштва на патници, на граничниот премин Евзони се чека со часови, а колоните возила се движат многу бавно.
„Чекаме веќе три часа, а границата сè уште не се гледа. Работат повеќе царински пунктови, но бројот на возила е огромен“, изјавил еден патник од Србија кој патувал кон Грција со семејството, пренесе „Блиц“.
Најголем дел од возилата се семејства со деца кои веднаш по завршувањето на учебната година тргнале на летување.
Патниците велат дека гужвите не се изненадување, бидејќи овој викенд го означува почетокот на првиот голем бран туристи кон грчките летувалишта. Сепак, повеќечасовното чекање на високи температури кај многумина предизвикало замор и нервоза уште на самиот почеток од одморот.
Возачите се советуваат пред поаѓање да ја проверат состојбата на граничните премини и да понесат доволно вода, храна и трпение, бидејќи се очекува засилен сообраќај и во текот на денот.
Фото: илустрација
Регион
Бугарија очекува 400.000 гости на Евровизија
Софија очекува меѓу 300.000 и 400.000 посетители за време на одржувањето на Евровизија 2027, изјави општинскиот советник Димитар Петров за Радио Софија.
Според него, Евровизија не е само концерт или фестивал што трае неколку дена, туку претставува „град во градот“, кој привлекува огромен број посетители и бара сериозна организација, особено во делот на безбедноста.
Петров истакна дека Софија ги исполнува сите потребни услови за домаќин на натпреварот, посочувајќи ги меѓународниот аеродром, директните авиолинии и сместувачките капацитети.
Тој предупреди и на појавата на екстремно високи цени за сместување по победата на Дара. Како пример наведе огласи во кои двособни станови во Софија се нудат за 10.000 до 13.000 евра за една недела.
„Тоа не смееме да го дозволиме. Мора да има понуда за сите посетители“, рече Петров, додавајќи дека државата и градот треба да преземат мерки за да спречат нереално поскапување.
Тој потсети и дека во 2027 година Бугарија ќе одбележи 20 години од членството во Европската Унија и оцени дека и овој јубилеј треба да се искористи за меѓународна промоција на земјата.
Регион
Брисел ѝ се заканува на Бугарија со санкции
Европската комисија (ЕК) ќе предложи покренување постапка за прекумерен дефицит против Бугарија откако ќе се утврди дека земјата не ги исполнува фискалните критериуми на Европската Унија, потврди европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис.
Зборувајќи по состанокот на Советот за економски и финансиски прашања (ЕКОФИН) во Луксембург, Домбровскис изјави дека Комисијата ја проценила буџетската состојба на неколку земји-членки и заклучила дека Бугарија не ги исполнува пропишаните барања во врска со буџетскиот дефицит, објавува денес порталот „Новините“.
Според правилата на ЕУ, постапката за прекумерен дефицит може да се покрене кога буџетскиот дефицит на државата надминува три проценти од бруто домашниот производ, додека јавниот долг надминува 60 проценти од БДП.
Како дел од постапката, на земјата ѝ се дава рок за спроведување мерки што би го вратиле дефицитот во дозволените граници.
Доколку државата не ги почитува препораките, може да се воведат финансиски санкции.
Предлогот на Европската комисија сега треба да го разгледаат земјите-членки на ЕУ како дел од понатамошната постапка.
