Регион
Црногорската опозиција не се откажува од протестите и барањето за оставка на премиерот
Челниците на црногорската опозиција Демократскиот фронт порачаа во средата дека остануваат на платото пред црногорскиот парламент, како што ја нарекоа „ослободена територија“, до исполнувањето на нивните барања и дека за тоа го имаат одобрувањето на полицијата.
Опозицискиот Демократски фронт (ДФ) во чијашто организација од неделата секоја вечер се одржуваат протести во центарот на Подгорица, пред зградата на парламентот, е упорен во своите основни барања премиерот Мило Ѓукановиќ да поднесе оставка, за да, како што тврдат, запре продлабочувањето на политичката криза и политичкиот судир. Покрај тоа, бараат и формирање преодна влада којашто би подготвила чесни избори на сите нивоа.
Опозицијата му забележува на Ѓукановиќ и на неговата влада, за лошото водење на вкупната внатрешна и надворешна политика, „гангстерската приватизација“, високиот степен на корупција во власта и склучување на штетни договори со странските партнери, недоволната агресивност во борбата против организираниот криминал и наводната кражба на сите досегашни парламентарни избори.
Повеќето партии од овој сојуз медиумите ги оценуваат како просрпски ориентирани и се противат на влегувањето на Црна Гора во НАТО, што го покажаа при неодамнешното гласање против резолуцијата за црногорското пристапување на Алијансата. Оттаму, аналитичарите и политичарите проценуваат дека оваа нивна активноста е насочена токму во тој правец, бидејќи протестите се одржуваат пред добивањето на поканата за членство на Црна Гора во НАТО, како и дека има цел за дестабилизација на политичките и безбедносните состојби во државата.
Пратениците на Демократскиот фронт од минатата година не присуствуваат на парламентарните седници, особено кога својот „премиерски час“ го има Ѓукановиќ.
Претседателот на Скупштината на Црна гора, Ранко Кривокапиќ, го повика пратениците на Демократскиот фронт да влезат во парламентот, бидејќи тоа е „вистинското место за решавање на проблемите и функционирање на државата“. Тие него, меѓутоа, го повикаа да „се симне меѓу народот“ и задно со нив да го натераат Ѓукановиќ да поднесе оставка.
Протестот се одвива главно без поголеми инциденти, со силно полициско обезбедување и со веќе видената иконографија на знамиња на други држави. Секоја вечер се собираат неколку илјади луѓе, а за оние кои не се од Подгорица организаторите обезбедиле сместување во стотина шатори.
Педесет итригодишниот Мило Ѓукановиќ на власт во Црна Гора е без прекин веќе 25 година, а премиер, по шести пат, стана во 2012 година. Беше претседател во периодот од 1998 до 2002 година.
Од владејачката Демократска партија на социјалистите, чиј челник е од основањето Мило Ѓукановиќ, порачаа во средата дека внимателно го следат развојот на настаните, како и дека според тоа ќе ги повлекуваат политичките потези и ќе носат одлуки, водени од своите програмски и од државните цели.
Црногорските парламентарни избори се закажани за пролетта 2016 година. Оваа поранешна југословенска република има малку повеќе од 600.000 жители, а невработеноста е околу 20 отсто.
Црна Гора ги започна пристапните преговори со Европската унија во јуни 2012 година, а исто така претендира на членство во НАТО./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.