Регион
Црна Гора затвора ново поглавје со ЕУ
Црна Гора денеска се очекува да затвори уште едно преговарачко поглавје со Европската унија – за трансевропски транспортни мрежи, со што вкупно ќе затвори 14 од 33 поглавја.
Преговорите за членство земјата ги почна во 2012 година, а властите најавуваат дека сите преостанати поглавја би можеле да бидат затворени до крајот на годинава, со цел членство во 2028 година.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ваквиот рок е премногу амбициозен, иако постои силна поддршка и од Брисел и од граѓаните, каде околу 70% се за членство во ЕУ.
Во декември Црна Гора затвори пет поглавја, а најголем проблем беше секторот земјоделство, за кој Франција првично имаше забелешки. По директни разговори меѓу претседателите Јаков Милатовиќ и Емануел Макрон, Париз даде зелено светло.
На почетокот на годината беше затворено уште едно поглавје, со што бројот достигна 13.
Во меѓувреме, усвоени се закони за внатрешни работи и за Агенцијата за национална безбедност, кои според ЕУ не се целосно усогласени со европските стандарди. Тоа предизвика политичка криза – опозицијата ги напушти раководните позиции во парламентот, а претседателот Милатовиќ одби да ги потпише законите и ги врати на повторно разгледување.
Сепак, владејачкото мнозинство најавува дека повторно ќе ги усвои, по што претседателот ќе мора да ги потпише.
Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Уапсени двајца Срби на изборниот ден во Косово поради сомнеж дека влијаеле врз гласачи
Косовската полиција за време на изборниот ден привела две лица во селото Гораждевец поради сомневање за влијание врз гласачи, јавија српските медиуми.
Радио Гораждевец објави дека станува збор за Р. З. и М. Д., а по налог на надлежните органи бил извршен претрес на нивните семејни куќи за прибирање докази.
Истражните органи испитуваат сомневања дека приведените вршеле недозволено влијание врз гласачи.
Социјалистичката партија на Србија (СПС) преку соопштение најостро го осуди „денешното апсење во Гораждевец“ на угледниот домаќин и официјален претставник на тоа српско село – М. Д.
Во соопштението стои дека заедно со него бил приведен и Р. З., кој е еден од значајните српски претставници во овој крај.
СПС оцени дека тоа претставува „најгрубо кршење на човековите права од страна на (премиерот на Косово Албин) Курти“, и дека уште еднаш се покажува дека Србите немаат ни најосновни права.
„Особено загрижува што денес се одржуваат избори и дека ова е очигледен обид за заплашување на приврзаниците на Српска листа (која има поддршка од официјален Белград)“, стои во соопштението.
СПС, коалициски партнер во владата во Белград, побара од меѓународните сили „итно да реагираат и да ги применуваат одредбите од Резолуцијата на СБ на ОН 1244“.
Фото: ЕПА
Регион
Албин Курти со освоени 42,3 % од гласовите повторно во водство на изборите во Косово
Првичните резултати од денешните парламентарни избори во Косово повторно покажуваат убедливо водство на „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти.
Според првичните резултати движењето „Самоопределување“ на Курти има околу 42,3% од гласовите. На второ место е Демократската партија на Косово (ПДК) со приближно 21,6%, а потоа следи Демократската лига на Косово (ЛДК) со околу 17,3%. Алијансата за иднината на Косово (ААК) и другите партии остануваат под 8%.
Иако Курти повторно ја обезбедува првата позиција, резултатите не се доволни за самостојно формирање влада, па косовските медиуми јавуваат дека следуваат преговори за коалиција. Официјалните резултати се очекуваат во наредните денови.
Ова беа трети парламентарни избори во Косово за 18 месеци. Курти победи и на претходните избори, но не успеа да се договори за претседател на собранието па тоа беше распуштено во април годинава.
Фото: Депозитотос
Регион
Денес избори во Косово третпат за 18 месеци, граѓаните пак избираат пратеници
Граѓаните на Косово денеска повторно излегуваат на парламентарни избори, третпат во последните 18 месеци, откога ниту една партија не успеа да обезбеди доволно силно мнозинство за да се стави крај на политичката криза во земјата.
Косово е без функционална влада изминатата година, бидејќи парламентот не успеа да избере претседател.
И на овие избори анализите покажуваат победа на Самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти кој победи и на последните избори во декември, минатата година, но не постигна договор со останатите партии за функцијата претседател на парламентот, кој беше распуштен во април годинава.
Косовската изборна комисија објави дека повеќе од 900 кандидати од 17 партии и три коалициски блока се натпреваруваат за 120 места во парламентот, а регистрирани се околу 2,1 милиони гласачи од кои 1,6 се резиденти, а останатите се дијаспора.
