Регион
Давутоглу го врати мандатот, на Турција ѝ се заканува политичка нестабилност
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу во вторникот вечерта по 85-минутниот состанок официјално му го врати мандатот за формирање влада на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, откако во изминатите 40 дена не успеа да најде партнер за коалициска влада, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Овој потег на премиерот Ахмет Давутоглу беше очекуван и најавен претходно во вторникот, откако во понеделникот пропаднаа коалициските преговори меѓу неговата Партија на правдата и развојот (AKP) и националистичката Партија на националното движење (MHP).
АКР на изборите на 7-ми јуни, најмногу поради хомогенизирањето на гласовите на курдската заедница чија блиска партија првпат го проби високиот изборен цензус за влез во парламентот, првпат не успеа да освои доволно пратенички мандати за да владее самата од 2002 година, и не успеа да формира коалиција со ниту една од другите три парламентарни партии.
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган сега може да ѝ го даде мандатот на втората најголема партија во парламентот, секуларната Републиканска народна партија (социјалдемократите, CHP), меѓутоа се чини дека ниту таа нема да успее да формира влада. Технички, трите опозициски парти би можеле да формираат мнозинство коешто би поддржало влада, меѓутоа Партија на националното движење (MHP) воопшто не сака да соработува со прокурдската Народна демократска партија (HDP).
Ердоган може да повика потоа формирање ткн „изборна“ влада, доколку до 23-ти август не биде формирана влада, според уставните одредби. Тоа би значело дека власта до вонредните парламентарни избори најверојатно во септември, би ја делеле сите четири парламентарни партии.
Портпаролот на AKP, Бешир Аталиј неколку часа пред средбата меѓу Давутоглу и Ердоган, изјави за медиумите дека партискиот конгрес ќе се одржи на 12-ти септември.
Републиканска народна партија (социјалдемократите, CHP) го услови своето учество во привремената влада со учеството и на HDP и на IMHP. „Доколку на HDP не ѝ бидат понудени места во таа изборна влада …нема да поддржиме влада во којашто AKP има мнозинство“, изјави за Reuters шефот на пратеничката група на CHP.
Портпаролот на прокурдската HDP, Ајхан Билген на прес-конференција изјави дека партијата „нема да го одбегне“ учеството во изборната влада, за да покаже дека ќе ја преземе одговорноста за одржување на изборите.
„Има конкретна ситуација пред нас. Турција во моментов се соочува дефакто со преврат. Воведена е вонредна состојба во градовите. Убеден сум во неопходноста да се направи сé што е потребно за излез од оваа ситуација и да се осигури безбедноста за сите во земјата“, додаде Билген.
Една од поважните членки на НАТО не беше соочена со вака политичка нестабилност уште од кревките кусотрајни коалициски влади во 1990-те. Новата политичка криза доаѓа во периодот кога Турција по долго забележување од страна на западните сојузници се одлучи да преземе позначајна улога во американската кампања против џихадистите од Исламската држава во Сирија, но истовремено се пресметува и со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) и на своја територија а ги бомбардира и нејзините позиции во северен Ирак./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.