Регион
Ердоган ја обвини Германија за геноцид врз Намибијците
Германија мора да даде објаснување за убивањето на сто илјади Намибијци, рече турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган одново нафрлајќи се на Германија поради признавањето на нејзиниот парламент на масовните убиства на Ерменците во Отоманското царство од 1915 година за геноцид.
Говорејќи на истанбулскиот универзитет „Сабхатин Заим“ во неделата, турскиот претседател рекол „Германија! Уште еднаш повторувам – вие сте должни да положите сметка за истребувањето на повеќе до 100.000 Намибијци“, пренесува весникот Daily Sabah. Ердоган, исто така, повторно го споменал Холокаустот, додавајќи дека Германија е последната која треба да зборува за геноцид врз Ерменците.
„Нашата историја не е историја на масовни убиства, нашата историја е историја на милосрдие и сочувствување, и со тоа се разликуваме (од Германија)“, заклучил турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Под Намибиски геноцид се подразбира масакрот врз 80 отсто од населението на племињата хереро (банту) и нама (хотентоти) во Германска југозападна Африка во периодот меѓу 1904 и 1907 година од страна на колонијалистичките војски на Царска Германија. Во 2004 година Германија го призна извршувањето на геноцидот во Намибија.
Турција вообичаено ги отфрла обвинувањата за геноцид врз Ерменците кон крајот на Првата светска војна во 1915 година од страна на дека околу 1,5 милиони Ерменци се систематски убивани кон крајот на Отоманската империја која тогаш била сојузник со Царството Германија. Турција тврди дека станувало збор за граѓанска војна која ја следела глад, во која загинале од 300.000 до 500.000 Ерменци но исто толку и Турција, како и дека не постоела организирана кампања за да бидат истребени Ерменците или оти постоеле такви наредби од страна на османските власти.
Досега дваесетина земји овие настани ги осудија како геноцид. Прв тоа го стори Уругвај во 1965 година, а потоа неговиот пример го следеа Кипар, Русија, Канада, Либан, Белгија, Франција, Грција, Италија и други земји, како и Европскиот парламент, Советот на Европа, Светскиот совет на црквите итн.
Германскиот парламент на 2-ри јуни со големо мнозинство ја усвоите резолуцијата во која се признава Ерменскиот геноцид. Турција реагираше со индигнација на оваа одлука и веднаш го повлече својот амбасадор во Берлин, додека претседателот Ердоган порача дека одлуката на Бундестагот сериозни ќе влијае врз турско-германските односи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.