Регион
Ердоган се закани со напади врз американските сојузници во Сирија
Турција „ќе стори сé што е неопходно“ да се спречи создавање автономна област, поддржана од САД, на сириските Курди во пограничниот град Тел-Абјад, повтори турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, и според него во таа насока може да биде преземана и воена операција, а западните сојузници ги обвини дека „не сфаќаат оти поддржуваат терористи“.
Официјална Анкара смета дека најавите на Курдите, кои ги води курдската партија Демократска унија (PYD) за автономија на Тел-Абијад претставува закана за националната безбедност на Турција.
„Турција ќе стори сé што е неопходно за да спречи создавање во градот Тел-Абијад автономија на сириските Курди, кои САД ги сметаат за свои сојузници“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган кого го цитира агенцијата Reuters.
Турските борбени авиони неодамна извршија напади врз вооружената формација на сириските Курди – Единици за заштита на народот (YPG), откако тие и покрај незадоволството на Анкара двапати минаа западно од реката Еуфрат.
„Тоа беше предупредување. ‘Приберете се. Доколку се обидете да го сторите тоа на друго место – ние ќе го сториме она што е потребно“’, рече Ердоган сигнализирајќи дека може да му пркоси на барањето на Вашингтон од Анкара да се избегнуваат удари против сириските Курди и турските сили да се фокусираат врз цел на Исламската држава.
Ердоган и претходно во саботата во говор во прокурдскиот југоисток на Турција предупреди дека курдските групации се обидуваат да го заземат северот на Сирија со приклучување на градот Тел-Абијад на автономната политичка структура којашто ја основаа Курдите. „Сето она што го посакуваат е сосема да завладеат со северот на Сирија. Под никакви околности нема да дозволиме северот на Сирија да стане жртва на нивните амбиции. Тоа е закана за Турција и невозможно е да кажеме ‘да’ за таа закана“, порача изминатиот викенд Ердоган.
Во средата вечерта во настапот во живо на турската телевизија Kanal 24, Ердоган повторно ги обвини PYD врши „етничко чистење“ во споменатата област и рече дека Западната поддршка за сириските Курдски бунтовници е како помагање на тероризмот.
Поддржани од американските воздушни удари курдските борци на YPD го заземаа во јуни Тел-Абијад од Исламската држава, а кон средината на октомври локалниот совет прогласи дека градот станува дел од системот самоуправни „кантони“ водени од страна на Курдите. Сириските Курди основаа три автономни зони или кантони на северот од Сирија, од избувнувањето на војната во 2011 година. Меѓутоа, ги отфрлаат тврдењата дека имаа цел да прогласат сопствена држава.
„Таму PYD врши етничко чистење на Арапите и Туркмените. Доколку Курдите се повлечат и не формираат кантон, нема да има проблеми. Но доколку ваквиот начин на размислување продолжи, тогаш ќе го направиме она што е потребно или ќе се соочиме со сериозни проблеми. Ние сме решени (на борба) со сето она што ни се заканува по должината на границата со Сирија, однатре или однадвор“, го цитира весникот Hurriyet излагањето на Ердоган.
Турција не сака да види нов автономен курдски ентитет сличен на Ирачки Курдистан на својата јужна страна, додаде Ердоган, говорејќи само неколку дена пред одржувањето на турските вонредни парламентарни избори (1-ви ноември) во услови на влошена политика и безбедноста состојба во земјата.
Западните сојузници сега ги вооружуваат Курдите, додаде Ердоган. Тие, дури, не го сфаќаат PYD како терористичка организација. Каков нонсенс е тоа: Западот се уште го има менталитетот ‘Мојот терорист е добар, твојот е лош“, рече турскиот претседател.
Турција е загрижена од територијалните освојувања на Курдите кои од почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година настојуваат да ја зацврстат својата управа во северниот дел од земјата каде што се мнозинство, бидејќи тоа би можело да го поттикне сепаратизмот кај курдската заедница во југоисточна Турција, покрај тоа што курдското мнозинство во северен Ирак веќе издејствува автономна покраина./крај.мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Почна нова детална потрага по Данка, пристигнаа спасувачки екипи со куче
Две специјалистички спасувачки екипи од Белград и Нови Сад, Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, синоќа пристигнале во Бањско поле и рано утринава започнале детално пребарување на просторот околу куќата пред која исчезнало двегодишното девојче.
Екипите се состојат од 18 пожарникари-спасувачи со 5 теренски возила и едно куче.
Припадниците на српската полиција во континуитет ги преземаат сите мерки и дејствија за пронаоѓање на девојчето и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување, информираат од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Што правеа багерите вчера околу куќата од каде што исчезна Данка
Вчера околу куќата каде исчезна Данка во Бањско поле имаше два багери.
Според Телеграф.рс, багерите првенствено работеле на расчистување на теренот бидејќи куќата била опкружена со депонија, па полицијата за полесни претреси го расчистува просторот од гломазен и друг отпад.
„Сечат дрвја и го отстрануваат отпадот бидејќи околу куќата има депонија“, јави репортер од местото на настанот.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Бугарија
Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран во 8:38 часот по локално време, на четири километри од Девин, на длабочина од девет километри.
🔔#Earthquake (#земетресение) M3.8 occurred 6 km SW of #Devin (#Bulgaria) 4 min ago (local time 08:38:05). More info at:
📱https://t.co/IbUfG7TFOL
🌐https://t.co/MSdvNiasPN
🖥https://t.co/ycq6JSIzuY pic.twitter.com/jACmTRndoJ— EMSC (@LastQuake) March 29, 2024
Речиси половина час пред овој земјотрес Бугарија ја погоди потрес со јачина од 2,4 степени според Рихтеровата скала.
Забележан е во 8:09 часот по локално време.
Во 08:42 часот е регистриран и трет земјотрес со јачина од 2,2 степени според Рихтеровата скала.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Регион
Четврти ден од потрагата по двегодишната Данка, родителите во фокусот на полицијата
Четврти ден од потрагата по малата Данка, двегодишното девојче кое исчезна во вторникот околу 13 часот и 45 минути во приградската населба Бањско Поле, во близина на градот Бор, во Србија. Мајката раскажала како Данка исчезнала од дворот на семејната куќа додека одела да му даде вода на постарото дете. Родителите биле сослушани во полиција, а на мајката и бил одземен мобилниот телефон.
Полицијата завчера околу 17:30 часот го прекина претресот на теренот.
„Сите досегашни резултати укажуваат дека девојчето не е на овој простор од околу 10 квадратни километри“, соопшти полицијата.
Родителите на Данка вчера цел ден биле во полиција на распит. Полицијата ги разделила и спиеле во различни куќи. Багери, полицајци и пожарникари пристигнаа околу куќата каде исчезна девојчето, сечеа дрвја околу куќата и го исчистија просторот и копаа. Досега полицијата сослушала повеќе од 50 лица.
Синоќа се појави вест дека тројца мажи се уапсени во Босна и Херцеговина. Според медиумите, тие на Тикток објавиле дека имаат информации за исчезнувањето на Данка и барале пари во замена за оваа информација. Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека еден од нив рекол дека Данка е во неговиот подрум. Како што се дознава, тие на распитот рекле дека само се шегувале.
Зошто полицијата е фокусирана на родителите?
Јавноста беше заинтригирана од фактот што полицијата толку многу се фокусираше на сослушувањето на родителите на Данка. Така Милош и Ивана Илиќ, родителите на Данка, вчера речиси цел ден и ноќ го поминаа во полициска станица на информативен разговор.
„Првиот дел од потрагата покажа дека немало ад хок исчезнување на девојчето. Вториот дел од потрагата сега е фокусиран и е многу посериозен во однос на собирање податоци за тоа кој би можел да биде мотивот зад исчезнувањето“, рече за српски Блиц, Братислав Тимотијевиќ, пензиониран инспектор на криминалистичката полиција во Ниш.
Затоа полицијата сега детално ги проверува сите околности на пријавата на мајката за исчезнувањето на Данка, се што се случило помеѓу времето на исчезнувањето на Данка Илиќ и доаѓањето на првите полициски патроли, како и сето она што тие патроли пронашле при пристигнувањето во Бањско поле.
Познавачите напоменуваат дека тоа што полицијата ја проверува изјавата на мајката, дека нејзиниот мобилен е испратен на анализа и дека таа и нејзиниот сопруг двапати биле интервјуирани во полиција, не значи дека некој од нив или некој во потесното семејството е осомничен или обвинето за било што. Деталните проверки на членовите на потесното семејство се вообичаени во такви случаи и може да доведат до постоење на поединечни лица.
„Мора уште еднаш да се провери сè за да се увериме дека навистина нема траги дека девојчето некаде исчезнало и дека е веројатно во тој дел. Сите прашања се отворени, сите можности се во фокусот, секој детал мора да се истражи. Ништо не може да се остави настрана или лесно да се прифати“, вели Тимотијевиќ.