Регион
Ердоган: Турција нема да им дозволи на Курдите да го заземат северот на Сирија
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвини во саботата курдските групи дека се обидуваат да го заземат северот на Сирија и истакна дека Анкара тоа нема да го дозволи.
Во говорот на прокурдскиот југоисток на Турција, претседателот Реџеп Тајип Ердоган го осуди минатонеделното приклучување на сирискиот град Тел Абијад на автономната политичка структура којашто ја основаа Курдите.
„Сето она што го посакуваат е сосема да завладеат со северот на Сирија. Под никакви околности нема да дозволиме северот на Сирија да стане жртва на нивните амбиции. Тоа е закана за Турција и невозможно е да кажеме ‘да’ за таа закана“, порача Ердоган.
Турција е загрижена од територијалните освојувања на Курдите кои од почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година настојуваат да ја зацврстат својата управа во северниот дел од земјата каде што се мнозинство, бидејќи тоа би можело да го поттикне сепаратизмот кај курдската заедница во југоисточна Турција, покрај тоа што курдското мнозинство во северен Ирак веќе издејствува автономна покраина.
Тек Абијад, град на сириската граница со Турција, силите на курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) го зазема од Исламската држава во јуни годинава, користејќи воздушните удари на САД. Локалните челници минатата седмица го прогласија дел од автономната влада која ја прогласија Курдите.
Сириските Курди основаа три автономни зони или кантони на северот од Сирија, од избувнувањето на војната во 2011 година. Меѓутоа, ги отфрлаат тврдењата дека имаа цел да прогласат сопствена држава./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.