Регион
ЕУ би можела да го блокира отворањето на поглавја со Србија поради Русија
Европската унија (ЕУ) би можела да го одложи отворањето на поглавјата од преговорите со Србија, доколку земјата остане на ставот дека нема да воведе санкции против Русија, пишува српскиот весник Danas.
„Технички, тоа би можело да биде одговор од ЕУ за противењето на Србија да се придружи кон санкциите за Русија“, изјавиле дипломатски извори за Danas.
Српскиот државен врв пак, е свесен дека тоа би можело да биде механизам на ЕУ за да ја „притисне“ Србија да воведе санкции за Русија, но од српската влада потенцирале дека „ЕУ ги разбира позициите на Србија“.
„ЕУ тоа сигурно нема да го направи, нема да го одложи отворањето на поглавјата поради воведувањето на санкции за Русија, бидејќи сите во ЕУ разбираат и молчаат по прашањето бидејќи знаат дека за нас тоа е тешко“, истакнале за Danas, извори од српската влада.
Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан во пресрет на посетата на Белград на 20 ноември, апелирал Србија да ги поддржи санкциите кон Русија. Тој истакнал дека Србија „има сопствена историја и односи со Русија, но дека во одреден момент ќе мора да одлучи“. Хан додал дека за темпото на пристапувањето кон Унијата одлучува самата земја кандидат, преку правењето на реформи.
„Се работи за усогласувањето на европското право, но и за промена на културата и размислувањето, а треба да има и докази дека промените се одржливи“, нагласил тој.
Но според српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, целосно треба да се примени дури со полноправното членство во Унијата.
„Ние не сме го отвориле нити првото поглавје. Како земја кандидат имаме право да ги заштитиме и нашите посебни економски мерки, и тоа го работиме. Ни самата ЕУ не е до крај постојана, бидејќи и членките имаат различни ставови по бројни прашања“, изјавила Јоксимовиќ.
Српскиот премиер Александар Вучиќ во понеделникот изјавил дека не гледа зошто на некого во ЕУ би му сметало тоа што Србија има добри и развиени односи со Русија, додека нејзина стратешка цел останува членството во ЕУ.
„Не одиме во други сојузи, евроазиски или какви и да се…Ние одиме во Европската унија и ги исполнуваме сите обврски“, изјавил Вучиќ, додавајќи дека во политичка и економска смисла, земјата добила и голема помош од Германија и канцеларката Ангела Меркел.
„Не заборавајте дека Србија е независна и суверена земја – ние не сме „мала Русија“ нити „мала Америка“, нити која и да е друга земја. Ние сме Србија и со гордост го носиме нашето име, и тоа значи дека сами донесуваме одлуки“, истакнал Вучиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.