Регион
Евакуацијата на бегалскиот камп кај Идомени се одвива „полека и мирно“
Евакуацијата на импровизираниот камп со имигранти и беглаци кај грчкото место Идомени, во непосредна близна на границата со Македонија којашто започна во вторникот утрото, се одвива „полека и мирно“, изјави Јоргос Крицис, портпарол на грчката служба за управување со миграциската криза.
„Операцијата започна во вторникот во 6 часот и се одвива во бавен ритам и во тишина. Операцијата ќе трае неколку дена. Досега не беше потребно да се употреби сила“, изјави портпаролот за грчката државна телевизија кој во понеделникот тврдеше дека евакуацијата на кампот со околу 8.400 лица би требало да трае најмалку десет дена,
На новинарите во вторникот утрото пристапот во кампот не им беше дозволен. Полицијата го блокираше патот три километра пред оваа локација. Емитувани се само снимки од четири автобуси кои доаѓаат во логорот за да ги преземат имигрантите.
Најмалку 700, а можеби и до 1.400 полицајци, ќе бидат ангажирани во оваа операција, изјавиле полициски извори за AFP. Четири автобуси со околу 400 имигранти, веќе го напуштиле кампот кај Идомени во вторникот утрото, додал истиот извор.
Пред започнувањето на евакуацијата, кампот го надлетуваа полициски хеликоптери, како што е објаснето, за да добијат преглед на ситуацијата и пренесувале директно снимки во полицискиот штаб кој раководи со операцијата, пренесува агенцијата DPA.
Според плановите на грчките власти, имигрантите би требало да се преместат во центар за прифаќање во близина на Солун.
Импровизирано подигнат во екот на миграциската криза во 2015 година, логорот кај Идомени првично беше наменет за прифаќање до 2.000 лица кои би можеле кусо да престојуваат додека чекаат да бидат регистрирани и да ја минат границата со Македонија на нивниот пат кон богатите западни и северни земји од Европската унија.
Откако земјите од ткн балканска рута го следеа примерот на европските земји коишто ги затворија своите граница ограничувајќи го протокот на своите граници, во март годинава, кога границите беа целосно затворени по договорот меѓу ЕУ и Турција, во Идомени бројот бегалци и мигранти достигна над 12.000.
Повеќето од заглавените беглаци одбиваа да се преселат во другите капацитети за нивно сместување на грчка територија, а неколкупати се обидоа илегално или насилно да ја минат македонската територија при што имаше и жртви и настрадани./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.