Регион
Грција добива нова влада, СИРИЗА доби поддршка од „Независни Грци“
Грчката левичарска партија СИРИЗА, победик на предвремените парламентарни избори во Грција, доби поддршка од десничарската партија „Независни Грци“, со што ќе може да формира нова влада, пренесуваат грчките медиуми.
СИРИЗА и партијата „Независни Грци“, која на изборите освои нешто помалку од пет проценти од гласовите, се противат на мерките за штедење, кои досегашната влада на грчкиот премиер во заминување Андонис Самарас ги воведе како услов за добивање на помош од Европската унија (ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Лидерот на „Независни Грци“, Панос Каменос во понеделникот соопштил дека по кратките преговори одлучил да го поддржи именувањето на лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас за нов премиер, пренесува грчката агенција АНА. Каменос додал дека Ципрас, на чија партија и недостигаат само две места во Парламентот за да има мнозинство, во текот на понеделникот ќе даде свечена заклетва за премиер и потоа ќе го обелодени составот на својот кабинет.
СИРИЗА победи на предвремените парламентарни избори во Грција со освоени 36,34 проценти од гласовите, односно освои 149 пратенички места во 300-члениот Парламент, покажале официјалните резултати на грчкото министерство за внатрешни работи.
По преброени 99,8 отсто од гласовите, СИРИЗА има 8,5 проценти повеќе гласови од конзервативната партија „Нова демократија“ на грчкиот премиер Андонис Самарас, која со 27,81 процент од гласовите освои 76 пратеничка места во грчкиот Парламент.
Во Парламентот влегоа и неонацистичката партија „Златна зора“ со освоени 6,28 проценти од гласовите, односно 17 пратенички мандати, потоа партијата „Потами“ со освоени 6,05 отсто од гласовите и исто така 17 пратенички места, а Комунистичката партија на Грција освои 5,47 проценти односно 15 места.
Партијата „Независни Грци“, со освоени 4,75 отсто има 13 места во Парламентот, а истиот број на пратенички мандати го освои и ПАСОК, која доби 4,68 проценти од гласовите, наведува грчкото МВР./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Во семејството не смее да постои ниту една тајна, верувам дека детето е со некого и дека не е надвор“: Јуриќ за случајот со исчезнатата Данка
Основачот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, учествувајќи во емисија во живо, кажа нови детали од истрагата за случајот со исчезнатата Данка Илиќ објаснувајќи зошто потрагата на терен била прекината по 27 часа.
„Не, тоа апсолутно не значи дека некои работи се откриени, напротив, значи само дека нема потреба да се троши работна сила и да се насочува енергија кон тој дел од теренот, кој е целосно и темелно прегледан. Штом немаме дополнителни информации, истрагата продолжува, сега истрагата тргна во друга насока и се вршат некои оперативни дејства поврзани со сознанијата за самото девојче“, изјави Јуриќ.
Тој вели дека во случаите на исчезнување на детето родителите мора да споделат сè со полицијата, дури и најинтимните семејни тајни, кои може да бидат важни во тие моменти.
„Кога зборуваме за овие ситуации, кога детето ќе исчезне, едноставно, не смее да има никакви тајни во семејните односи, напротив, треба целосно да ѝ помогнете на полицијата. Ако имате каква било ситуација што може да доведе до несакан настан, во случајот исчезнување мало девојче, мора да кажете сè што знаете“.
Основачот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца вели дека во деновите кога не знаеле каде е ќерка му Тијана Јуриќ посакувал некој да излезе и да побара откуп.
„Навистина верувам и го чекам соопштението на полицијата за да видам кое е конечното решение за оваа драма, но, дефинитивно, бев среќен што детето не беше пронајдено на тој простор, особено таа прва вечер бидејќи тешко дека детето може да преживеало таму во тие услови. Кога исчезна Тијана, се надевавме дека некој ќе ни побара откуп и дека е жртва на киднапирање, некако сега се надевам дека има шанси детето поради некоја причина да е со некои луѓе и да е уште живо. Таа надеж постои во нашите глави, но од нашето искуство мораме да бидеме подготвени за најлошите вести.
Според него, добро е што е пребарана областа и последната надеж е дека некој е вмешан и дека детето е скриено поради некоја причина.
„Сега очекувам дека оперативците на МУП ќе завршат добра работа и дека, конечно, ќе ја дознаеме вистинската вистина.
Игор Јуриќ зборуваше и за активирање на системот „Најди ме“.
„Системот го активираат началниците на полициските одделенија, во случајот тоа беше полициското одделение каде што детето исчезна. Кога ќе се процени дека детето е во опасност, системот се активира. Она што беше специфично во овој случај е дека детето е екстремно мало, самите околности беа многу чудни и полицијата бргу реагира и поради возраста на детето, темелно го пребара теренот.
„Полицијата се погрижила да не го загрози дополнително животот на детето и да ги истражи сите околности, детето да не биде жртва на киднапирање, да не се бара откуп и слично, затоа системот бил активиран околу 7 часот“, објаснува тој.
Регион
Полицајци и пожарникари пристигнуваат пред куќата каде што исчезна Данка
Во Бањско Поле во Србија пристигнуваат уште полициски сили и пожарникари во околината на викендичката на семејството Илиќ во близина на која последен пат била видена малата Данка Илиќ по која веќе трет ден се трага.
Покрај пожарникари и полиција, на самото место има и багер, иако сè уште нема официјални информации зошто. Репортерот на српски „Телеграф“ јавува дека полицијата отвора шахти околу куќата на семејството Илиќ.
Како што објави „Телеграф“, полицијата и работниците од ЈКП од утрово го расчистуваат теренот.
Данка Илиќ исчезна во вторникот во 13.45 часот кога мајка ѝ му давала вода на другото дете.
По девојчето 27 часа трагаа припадници на жандармеријата, полицијата, пожарникари, спасувачи, како и многубројни мештани. По 27 часа, српската полиција го прекина пребарувањето на теренот во Бањско Поле.
Регион
Кризата во Бугарија продолжува: никој не може да формира влада, на повидок се нови избори
Претставниците на партијата Има таков народ, денеска, на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, со што се отвора патот за закажување вонредни парламентарна избори.
Мандатот што ѝ беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање редовна влада во рамките на сегашното Народно собрание, јавува Бугарското радио. Претседателот Радев сега треба да го одреди датумот на предвремените избори за парламентот откога неисполнети му беа вратени трите мандати за формирање влада.
На изборите во април минатата година ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, коалицијата предводена од партијата Продолжуваме со промените освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент, а нивните обиди за формирање влада претходно беа неуспешни.
Првиот мандат Радев ѝ го довери на коалицијата ГЕРБ-СДС, но таа не формира влада, мандатарката Марија Габриел се откажа и го врати мандатот.
Вториот мандат за состав на влада му беше доверен на Николај Денков.
Третиот мандат за состав на влада, според бугарскиот Устав, претседателот го доверува на една од другите парламентарни сили, по негова дискреција, во рок од 7 дена. Според Уставот, доколку не се постигне договор за формирање влада, претседателот по консултација со пратеничките групи назначува преодна влада и распишува нови предвремени избори во рок од 2 месеца.