Регион
Грција ги преместува мигрантите во цврсти објекти, AI го осудува планот ЕУ-Турција
Договорот меѓу Европската унија и Турција за преместување на бегалците е правно и етички погрешен, предупреди во неделата невладината организација за човекови права Amnesty International, а грчките власти поради драматичноста на состојбата на границата со Македонија се обидуваат илјадниците имигранти да ги преместат до шаторските населби во цврсти објекти, пренесуваат агенциите.
На нацрт договорот меѓу ЕУ и Турција за враќање на некои имигранти во Турција, реагираше Amnesty International. „Погрешен е и правно и етички“, изјави генералниот секретар на оваа меѓународна организација за човекови права, Салил Шети, пренесува Reuters. Шети најава дека на европските функционери „директно ќе ја пренесе шокираноста и згрозеноста“ поради најавениот договор, истакнувајќи дека Турција не е сигурна земја за имигрантите.
Светските агенции ги пренесуваат извештаите за хаотичната состојба на северната грчка граница кон Македонија, каде според процените се заглавени најмалку 12.000 луѓе, меѓу кои неколку илјади деца, а се појавил и случај на зараза со хепатитис А. Сите тие очекуваат преминување во Македонија, којашто како и сите земји претходно од ткн балканска бегласка рута ги затвори границите, откако на нејзината северна граница кон Србија останаа заробени околу илјада луѓе.
Се пренесуваат слики како илјадници луѓе кампуваат на околните полиња во вонредно тешки хигиенски услови. Поради лошите услови со кои се соочени, некои од бегалците последните денови започнаа да се враќаат кон Атина, но од друга страна постојано пристигнуваат нови групи бегалци во Идомени.
Тешките услови резултираа со тензии и насилство меѓу мигрантите кои се борат за храна и за огрев, имајќи ги предвид ниските температури последните денови и дождот. Затоа грчките власти започнаа со делењето летоци со кои ги повикуваат да се упатат кон цврстите објекти и прифатните центри низ земјата.
„Нашата цел е не само да се ослободи Идомени од луѓето, нашата цел е во градот воопшто да нема шатори. Постојат цврсти објекти, зошто да престојуваат во кал“, изјави за AFP владин функционер од владиниот кризен штаб за бегалците. Според него, летоците ќе се делат и во пристаништата и на островите за да се одвратат имигрантите од патот кон границата со Македонија.
„Грција ќе ви понуди сместување, храна и лекарска нега“, пишува во летокот на арапски, фарси и паштунски јазик.
Поради првиот регистриран случај на зараза со хепатитис А, се огласи и грчкиот центар за контрола и превенција на болестите, кој предупредува дека условите во Идомени „не можат да се опишат“, како и дека луѓето престојуваат во „бара која настана поради силните дождови“. Заразеното девојченце е во постапка на лекување и нејзината состојба е стабилна.
Светската здравствена организација (СЗО – WHO) предупреди дека хепатитисот А се пренесува со консумирање заразена храна и вода, како и со директен контакт со заразено лице, а потекнува од лошите санитарни услови и недостигот од вода за пиење.
Грција, во која според процените во моментов се наоѓаат повеќе од 40.000 имигранти, бара 480 од 700 милиони евра, колку што ЕУ предложи за помош на државите кои се првите на мигрантскиот бран. Од тие 700 милиони, 300 милиони евра ќе бидат доделени во 2016 година, а две рати од по 200 милиони евра во 2017 и во 2018 година, објави Брисел. Пари за Грција се предвидени и според други ставки од буџетот на ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.