Регион
Грција ќе обезбеди уште 17.400 места за бегалците
Грција планира да обезбеди до крајот на седмицава уште 17.400 места за прифаќање на бегалците, извести во понеделникот меѓуресорното тело за мигрантската криза, а повеќе од 36.000 бегалци веќе се сместени во претнатрупаните прифатни центри.
Овие 17.400 нови места, распоредени на девет локации низ Грција, ќе бидат обезбедени со преуредување на касарни и ќе се придодадат на 28.450 постојни места во пет прифатилишта на најголемите острови на кои бегалците се истоваруваат, со вкупно 7.450 места, и 21.000 на континентот, се наведува во најновиот список што го подготвиле грчките власти.
Грција, преку којашто бегалците и мигрантите преку Турција влегуваат во Европа, се обврза пред европските партнери дека ќе обезбеди 30.000 места. Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) планира, пак, да пронајди 20.000 места во грчките хотели и апартмани.
Меѓутоа, имајќи го предвид речиси целосното затворање на границите на должината на ткн балканска бегалска рута, преку која најголемиот дел од мигрантите одат во северна Европа, Грција стравува дека до крајот на март на нејзина територија може да останат до 100.000 лица. Во понеделникот, како што известија грчките медиуми, повеќе од 13.000 мигранти сé уште се на грчката страна од границата со Македонија.
Во рамките на хуманитарната помош од 700 милиони евра на три години колку ЕУ минатата седмица одлучи да издвои за земјите кои се најтешко погодени од мигрантската криза, Грција побара 480 милиони евра за изградбата на новите центри за прифаќање.
Меѓутоа, грчките власти се загрижени поради тоа што ЕУ доцни со испраќањето на парите. „Ритамот на исплаќање е многу бавен, а потребите растат, па трошиме пари од државниот буџет“, изјави за AFP владин извор пред самитот во Брисел за мигрантската криза.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас повика во повеќе наврати на „пропорционална распределба“ на мигрантскиот товар во земјите на ЕУ и се закани дека ќе ја блокира евентуалната одлука за затворање балканската рута.
Грчкиот министер за внатрешни работи Панајотис Курублис во понеделникот во разговорот за радиото RealFm изрази голема загриженост. „Таквата одлука би значела прифаќање на принципите на шовинистичките и националистичките сили во Европа… Грција воопшто не може да прифати таква одлука“, истакна./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.