Регион
Грција ослободува резерви: 2 милиони барели за стабилизација на пазарот
Грција ќе ослободи 2 милиони барели гориво од стратешките резерви, како дел од координирана акција на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која предвидува ослободување на вкупно 400 милиони барели, објави „Катимерини“.
Станува збор за прв ваков потег на Грција, оценет како историски. Ослободувањето ќе опфати бензин, дизел и мазут и ќе се спроведува постепено во текот на три месеци.
Властите нагласуваат дека мерката не е поради домашен недостиг, туку како одговор на глобалната енергетска криза и растечката неизвесност поради ситуацијата на Блискиот Исток.
Цените на горивата значително пораснаа – авионското гориво се удвои, а дизелот забележа нагли поскапувања.
Европските земји веќе се соочуваат со проблеми во снабдувањето, а ЕУ разгледува мерки како штедење енергија, ограничувања и дури рационирање на гориво доколку кризата продолжи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ по разговорот со Маѓар: Подобро од очекуваното, без непријатни тонови
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека верува во прагматизмот на идниот унгарски премиер Петер Маѓар и изрази големо задоволство од исходот на нивниот вчерашен телефонски разговор за клучни теми за унапредување на односите меѓу двете држави. Вучиќ разговарал со новинарите при отворањето на нов погон на Српската фабрика за стакло во Параќин, пренесе Анадолу.
Вучиќ истакна дека победата на Маѓар на изборите била повод за честитка и дека разговорот поминал подобро од очекуваното.
„Верувам во прагматизмот на господинот Маѓар и во продолжување на патот по кој тргнавме вчера. За мене тоа беше исклучително важен разговор. Како одговорен човек, државник и претседател на Србија, многу сум среќен и задоволен од воспоставениот тон и начинот на кој разговаравме“, порача Вучиќ.
„Ниту тој ја крие својата политичка припадност, ниту јас мојата. Не ги менувам пријателите ниту нешто друго, но наш многу силен и важен интерес е да имаме добри односи со Унгарија, што му го кажав и на идниот премиер Петер Маѓар. Тој го порача истото од унгарска страна. И двајцата изразивме желба за продолжување на блиската соработка и нејзино унапредување.
Разговорот беше подобар од очекуваното, без никакви непријатни тонови, што ме изненади и што, верувам, зборува за решеноста на господинот Маѓар да гради добри односи со Србија“, додаде Вучиќ, нагласувајќи дека ниту од негова страна немало непријатни тонови и дека разговорот го оценува како многу добар, значаен и содржаен.
Говорејќи за соработката, Вучиќ потсети на бројни енергетски и инфраструктурни проекти што ги поврзуваат Србија и Унгарија.
„Имаме многу заеднички проекти. Нашиот гас го складираме во Унгарија, тие настојуваат да станат сопственици на Нафтената индустрија на Србија, а гасот што Унгарија го добива пристигнува преку Србија. И понатаму го имаме проектот за изградба на нафтоводот. Тоа е само дел од енергетските проекти“, рече тој.
„Не ги спомнав ниту железницата, ниту многу други инфраструктурни проекти што нè поврзуваат, а да не зборувам за Унгарците во Србија, Србите во Унгарија и сè останато. Многу работи нè врзуваат со Унгарија, тие ни се први соседи и добро е да имаме најдобри можни односи“, изјави Вучиќ.
Регион
Хрватската ќе ги разгледа мерките на ЕК – Помалку потрошена енергија значи помали трошоци, вели Пленковиќ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека владата ќе ги разгледа мерките на Европска комисија за справување со енергетската криза, нагласувајќи дека Хрватска веќе усвоила десетти пакет мерки вреден 450 милиони евра.
Тој посочи дека целта е да се намалат ефектите од растот на цените на енергенсите врз инфлацијата, додавајќи дека „најједноставно е да се троши помалку“, бидејќи помалата потрошувачка значи и помали трошоци.
Одговарајќи на новинарски прашања во Јасеновац, Андреј Пленковиќ изјави дека сѐ уште не стигнал да ги види мерките на Европска комисија, но претпоставува дека тие се во согласност со она што претседателката на Комисијата го најавила на последниот Европски совет.
„Секако дека сите влади и координираната хоризонтална активност на европско ниво треба да одат кон тоа растот на цените на енергенсите да има што помал ефект врз инфлаторниот притисок. Тоа е целата суштина, а наједноставно е да се троши помалку. Колку помалку енергија се троши, толку се помали трошоците“, рече тој.
Пленковиќ истакна дека за време на претходната енергетска криза, владините мерки овозможиле граѓаните и економијата да не ја почувствуваат кризата, додавајќи дека земјата поминала низ тој период „практично без ожилјаци“.
Тој наведе дека во моментов во Хрватска има рекордно ниво на вработеност и помалку од 70 илјади невработени, со стапка под четири проценти.
Во меѓувреме, Европската комисија предложи пакет мерки за ублажување на кризата, вклучувајќи пониски даноци за електрична енергија, координирано складирање на гас и мерки за спречување недостиг на гориво.
Комисијата најави и поддршка за домаќинствата и индустријата, како и забрзување на транзицијата кон чиста енергија, за што ќе бидат потребни значителни инвестиции до 2030 година.
Регион
Вучиќ: Не ме интересира поддршката од ЕУ и остатокот од светот, туку поддршката од мојот народ
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека не е заинтересиран за поддршка „od други земји и други кабинети“, туку само за поддршката од народот и граѓаните на Србија, велејќи дека е „премногу Србин“ и „премногу ја сака Србија“ за да биде по волја на моќните. Зборувајќи за односите со Европската Унија, внатрешнополитичката ситуација, најавените протести, но и за идните односи меѓу Србија и Унгарија по изборите во соседната земја, Вучиќ оцени дека Србија мора да изгради независна, слободарска политика, заснована на сопствените интереси и стабилни односи со соседите.
Тој одговарајќи на прашање за коментар на наводите во одредени медиуми дека Европската Унија покажала поддршка за блокадите во Србија со фактот дека европската комесарка за проширување Марта Кос разговарала со ректорот на Универзитетот во Белград Владан Ѓокиќ, изјави дека оваа средба не била изолирана, туку дека ректорот имал и други контакти, и тоа, како што изјави, на повисоко ниво.
„Создавате пријателства и односи на почитување со светот, а не односи во кои ќе зависите од некого, од нечија добра волја или од тоа колку пати ќе ве потапкаат по рамо затоа што сте извршувале нечии наредби. Јас не сум таков човек и не сум способен за такво нешто. Имам слободарска душа и дух и срце и секогаш ќе се борам за мојата земја. И дали Брисел го поддржува Ѓокиќ повеќе отколку мене? Не мислам дека има сомнение. И немам проблем да го кажам тоа отворено“, рече тој.
Тој додаде дека оние кои, како што рече, сакаат помалку независна Србија и Србија повеќе зависна од туѓите ставови, ќе го поддржат Ѓокиќ или некој друг, но нагласи дека тоа не го изненадува.
„Воопшто не е важно. Или некој друг. Премногу сум тврдоглав, премногу егоцентричен, премногу Србин, премногу ја сакам Србија за да им угодам на моќните. Им честитам за тоа и го разбирам тоа“, рече претседателот.
Зборувајќи за оценките на некои европратеници дека сегашната влада во Србија нема поддршка од Европскиот парламент за она што се случува во земјата, Вучиќ изјави дека такви ставови изразува Андреас Шидер и додаде дека тоа е делумно точно, бидејќи, како што оцени, владата во Србија не може да има поддршка од оние кои се лобисти за независно Косово и кои ја прогласуваат Србија за геноцидна.
„Немаме поддршка од ниту еден од нив. Меѓу нив е и овој Сандро Гоци, кој дури и не знае која националност е, важно му е само да се дофати со некакви средства и пари и ништо друго. Сето ова е познато одамна“, рече Вучиќ.
Коментирајќи го пишувањето на хрватскиот „Вечерњи лист“, во кое се наведува дека Брисел се откажал од замрзнувањето на 1,6 милијарди евра наменети за Србија затоа што, наводно, „се плашел од Вучиќ“, претседателот ги отфрли таквите тврдења како бесмислени, со порака дека во односите меѓу Белград и Брисел нема ниту страв ниту потчинување, туку работа, дискусија и соработка, но и јасни политички разлики.
„Тие не се плашат од мене, јас не се плашам од нив. Работиме, разговараме, соработуваме. Секогаш ќе биде така. И дали се согласувам во сè – не се лутете – со хрватската политика или со европската политика? Јас не сум вашиот Ѓокиќ. Наскоро Ѓокиќ ќе победи, па ќе мора да смислите некои други текстови за да ги наполните вашите бесмислени весници“, рече Вучиќ.
