Регион
Грција вети список со реформи до понеделник
Грција соопшти дека ќе им го претстави пакетот реформи на своите партнери во еврозоната до следниот понеделник, во надеж дека ќе ја добие неопходната странска финансиска помош со којашто ќе го избегне банкротот.
„Тоа ќе биде сторено најдоцна до понеделник“, изјави портпаролот на грчката влада Габриел Сакеларидис за телевизијата Mega TV.
Грчката влада предводена од радикалната левица и нејзините кредитори од еврозоната се договорија минатата седмица дека Атина ќе состави листа од свои реформи кои имаат да имаат слично влијание врз грчкиот буџет како и мерките што ги договорија претходните влади водени од конзервативците со доверителите, Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Во Атина итаат да го направат споменатиот список пред да биде целосно испразнета државната каса, а тоа се очекува за неколку седмици доколку не ја добие неопходната помош.
Во понеделникот германскиот весник Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung објави дека грчката влада има пари за исплата на плати и пензии за само уште две седмици, односно до 8-ми арил кога ќе влезе во критична состојба. Експертите од Европската комисија тврдат дека дури и официјална Атина да посегне по фондовите за социјално осигурување и од сметките на компаниите во државна сопственост за да продолжи со исплата на плати, на Грција на 9-ти април ќе и’ пристигнат за наплата 465 милиони евра кредит од ММФ.
Реформите се многу чувствително прашање за грчкиот премиер Алексис Ципрас кој дојде на власт со ветувањата дека ќе стави крај на политиката за жестоките мерки за штедење пред да биде принуден да го прифати продолжувањето на омразената програма за помош под заканата од крах на грчкиот банкарски сектор.
Минатиот петок Ципрас минатиот петок се обиде да ги увери кредиторите и европските партнери дека во „претстојните денови“ ќе достави проширен предлог на реформи со надеж дека ќе ја отклучат последната транша од помошта во вредност од 7,2 милијарди евра./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кризата во Бугарија продолжува: никој не може да формира влада, на повидок се нови избори
Претставниците на партијата Има таков народ, денеска, на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, со што се отвора патот за закажување вонредни парламентарна избори.
Мандатот што ѝ беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање редовна влада во рамките на сегашното Народно собрание, јавува Бугарското радио. Претседателот Радев сега треба да го одреди датумот на предвремените избори за парламентот откога неисполнети му беа вратени трите мандати за формирање влада.
На изборите во април минатата година ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, коалицијата предводена од партијата Продолжуваме со промените освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент, а нивните обиди за формирање влада претходно беа неуспешни.
Првиот мандат Радев ѝ го довери на коалицијата ГЕРБ-СДС, но таа не формира влада, мандатарката Марија Габриел се откажа и го врати мандатот.
Вториот мандат за состав на влада му беше доверен на Николај Денков.
Третиот мандат за состав на влада, според бугарскиот Устав, претседателот го доверува на една од другите парламентарни сили, по негова дискреција, во рок од 7 дена. Според Уставот, доколку не се постигне договор за формирање влада, претседателот по консултација со пратеничките групи назначува преодна влада и распишува нови предвремени избори во рок од 2 месеца.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролет март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источен Медитеран. Типична песочна бура со дострел од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони“, објаснува директорот на Грчката метеоролошка служба, Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 Целзиусови степени, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степена, истакнаа од Грчката метеоролошка служба.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи население, особено луѓето што страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува Сојузот.
Регион
Родителите на двегодишната Данка во полиција во Бор: мајката одбила полиграф
Родителите на исчезнатата двегодишна Данка Илиќ се донесени во полициската станица во Бор, објави „Телеграф.рс“.
Тие не се осомничени, но со нив се врши информативен разговор.
Ивана и Милош вчера дадоа исказ во присуство на Центарот за социјална работа.
Како што објави српски „Телеграф“, мајката го одбила полиграфскиот тест бидејќи е бремена.
„Девојчето Данка Илиќ сè уште не е пронајдено. Апелираме до сите луѓе да не објавуваат информации што не се проверени. Со тоа се нарушува и се загрозува истрагата, во која е инволвиран и Одделот за криминалистичка полиција“, изјавиле за „Телеграф.рс“ од српската полиција.