Регион
Грчката опозиција вџашена од одлуката за референдум, пред банкоматите редици
Објавата на премиерот Алексис Ципрас дека на 5 јули во Грција ќе биде спроведен референдум за услвоите на кредиторите за добивање на меѓународна помош ја запрепасти опозицијата, а пред банкоматите во Атина се создадоа редици од граѓани кои сакаат да ги повлечат своите пари.
Единствено ултрадесничарската Златна Зора не ја осуди владината одлука, која Ципрас ја соопшти после полноќ на телевизија.
Тој рече дека кредиторите побарале од Владата да го усвои ппедлогот со кој на грчкиот народ ќе падне „нов, неиздржлив товар“ и ги повика граѓаните на референдумот на 5 јули „да одговорат на ултиматумот“.
Најголемата опозициска партија, конзервативната Нова демократија оцени дека радикалната левичарска влада застапува излез на државата од еврозоната и од Европската унија.
„Ципрас ја доведе државата до апсолутна пат позиција. Помеѓу неприфатливиот договор и напуштање на Европа“, изјави лидерот на Нова демократија, Андонис Самарас.
Сепак, претставници на грчката влада инсистираат на референдумот да нема промена на валутата, односно враќање на драхмата.
Министерот за одбрана, десничарот Памос Каменос коалиционен партнер на Ципрас, за државната телевизија изјави дека нема начин Грција да го напушти еврото, со оглед дека во правилата на еврозоната не е предвиден случај за исфрлање на некоја држава членка.
За во сабота на пладне закажана е итна седница на парламентот, заради ратификација на одлуката за референдумот.
Ципрас појасни дека прашањето за референдумот ќе биде прифаќање или одбивање на условите кои кредиторската тројка ги постави пред Грција за нов договор, со кој би се избегнал банкрот на државата.
Сепак, денеска во Брисел ќе се состанат министртите за финансии на 19 држави членки на еврозоната заради последен обид да се дојде до прифатливо решение.
Уплашените Грци со месеци ги повлекуваат парите од банките, а од синоќа се формираа редици граѓани пред банкоматите во Атина. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Девојка која исчезна во март во Србија е пронајдена
Тијана Симиќ, која била пријавена за исчезната на 13 март оваа година, и последен пат била видена на Карабурма во Белград, е пронајдена повеќе од еден месец од нејзиното исчезнување.
Засега не се познати детали, а среќните вести ги објави нејзината сестра на „Твитер“.
„Тијана ја пронајдовме, ви благодарам на сите за помошта“, напиша таа.
Tijanu smo pronašli, hvala puno svima na pomoći ♥️
— fifo (@sofoklee) April 24, 2024
Семејството на Тијана молеше за помош или било каква информација за неа, и после повеќе од еден месец е пронајдена.
Регион
Во БиХ уапсени 14 криумчари, превезувале мигранти во Хрватска, заработиле 3 милиони евра
Припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина уапсија 14 лица под сомнение дека организирале мрежа на криумчари на илегални мигранти преку границата со Хрватска. Акцијата под кодното име „Пирамида“ координирана од Обвинителството на БиХ беше спроведена на 16 различни локации низ земјата.
Како што беше утврдено во досегашната истрага, уапсените организирале илегално преминување на границата на најмалку 600 лица, од кои стотина се деца.
„Според прелиминарните податоци, оваа меѓународна организирана криминална група во изминатите шест месеци остварила финансиска корист од повеќе од шест милиони конвертибилни марки (три милиони евра)“, се вели во полициското соопштение.
Разбивањето на оваа мрежа на трговци со луѓе беше спроведено заедно со Управата за криминалистичка полиција на МВР на Република Хрватска и Европол и со учество на припадници на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).
Граничната полиција на БиХ наведува дека продолжува да презема мерки за спречување на шверцот на луѓе, особено против организираните криминални групи. Потсетуваат дека во првите три месеци од годинава полициски службеници и граничари до обвинителството поднеле 83 пријави против 177 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле 110 кривични дела криумчарење луѓе.
Регион
За европските избори во Хрватска беа пријавени 25 листи, осум помалку од 2019 година
Државната изборна комисија (ДИК) до крајниот рок доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година.
Во недела на 9 јуни ќе се одржат избори за Европскиот парламент во Хрватска, а ќе се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.
Со поднесување на списокот и официјално започнува изборната кампања која ќе трае до 7 јуни кога ќе започне изборниот молк.
Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори.