Регион
Холандија ја предупредила БиХ за терористички напад
Антитерористичката единица на холандската полиција ги предупредила властите во Босна и Херцеговина на можноста за терористички напад во Шведска и во Данска кои требало да го изведат петмина нејзини државјани кои беа уапсени во петокот, пишуваат босанските медиуми, демантирајќи ги тврдењата на шведските власти дека не станува збор за терористичка закана, туку за пресметка меѓу банди.
Откако шведската полиција во саботата реагираше и ги негираше наводите на државната полициска агенција SIPA на БиХ дека станува збор за терористички активности туку за пресметка меѓу банди, во саботата навечер во сараевските медиуми протече документот на Интерпол со барање од холандската антитерористичка единица за следење лица осомничени за подготовка на терористички напад.
Во факсимилот од дописот на меѓународната полиција на порталот Klix, се истакнуваат детали во врска со примопредавање на експлозивни направи кои ги нарачал холандски државјанин по потекло од БиХ, како и дека холандската полиција верува дека експлозивната направа ќе биде употребена за терористички напад во Шведска или Данска.
Интерпол посебно побарал информации за Адис Рамиќ кој во Сараево би требало да ги испорача експлозивните направи, и побарани се информации за неговиот познаник од Холандија кој побарал да бидат изработени. „Двајцата споменати осомничени, оној кој порачал и оној за кој се претпоставува дека требало да го испорача експлозивот изгледа дека се познаваат од порано и оти имаат исламско потекло“, се наведува во цитираниот допис на Интерпол.
По оваа дојава SIPA на граничниот премин кон Хрватска во Босански Брод и во Сараево уапси четворица државјани на БиХ, Енвер Џанко, Адис Рамиќ, Амар Шљиво и лице со иницијали Ж.М, како и Осман Абдел Салем, државјанин на Шведска со арапско потекло. Тие по испрашувањето во полицијата во саботата се доведени во Државното обвинителство на БиХ кое им одреди притвор.
Полицијата во Шведска ги негираше наводите на SIPA дека во меѓународната полициска акција под кодно име „Бенелукс“ се уапсени пет лица поврзани со тероризам, туку дека станува збор за пресметка на криминални банди. „Ова не е никаква терористичка истрага, туку е поврзана со истрага којашто ја водиме во Малме веќе подолг период“, изјави Лота Хансон, портпаролка на полицијата во шведскиот регион Скане./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.