Регион
Хрватската ќе ги разгледа мерките на ЕК – Помалку потрошена енергија значи помали трошоци, вели Пленковиќ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека владата ќе ги разгледа мерките на Европска комисија за справување со енергетската криза, нагласувајќи дека Хрватска веќе усвоила десетти пакет мерки вреден 450 милиони евра.
Тој посочи дека целта е да се намалат ефектите од растот на цените на енергенсите врз инфлацијата, додавајќи дека „најједноставно е да се троши помалку“, бидејќи помалата потрошувачка значи и помали трошоци.
Одговарајќи на новинарски прашања во Јасеновац, Андреј Пленковиќ изјави дека сѐ уште не стигнал да ги види мерките на Европска комисија, но претпоставува дека тие се во согласност со она што претседателката на Комисијата го најавила на последниот Европски совет.
„Секако дека сите влади и координираната хоризонтална активност на европско ниво треба да одат кон тоа растот на цените на енергенсите да има што помал ефект врз инфлаторниот притисок. Тоа е целата суштина, а наједноставно е да се троши помалку. Колку помалку енергија се троши, толку се помали трошоците“, рече тој.
Пленковиќ истакна дека за време на претходната енергетска криза, владините мерки овозможиле граѓаните и економијата да не ја почувствуваат кризата, додавајќи дека земјата поминала низ тој период „практично без ожилјаци“.
Тој наведе дека во моментов во Хрватска има рекордно ниво на вработеност и помалку од 70 илјади невработени, со стапка под четири проценти.
Во меѓувреме, Европската комисија предложи пакет мерки за ублажување на кризата, вклучувајќи пониски даноци за електрична енергија, координирано складирање на гас и мерки за спречување недостиг на гориво.
Комисијата најави и поддршка за домаќинствата и индустријата, како и забрзување на транзицијата кон чиста енергија, за што ќе бидат потребни значителни инвестиции до 2030 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Еден од загинатите управувал со едрилицата во моментот на судирот, јавуваат хрватските медиум
Во истрагата за тешката поморска несреќа кај Сплит, во која загинаа четворица чешки државјани, се појавија нови неофицијални информации според кои во моментот на судирот со катамаранот, на кормилото на едрилицата наводно не бил скиперот, туку еден од загинатите патници.
Според хрватските медиуми, полицијата ќе ги испита сите преживеани од едрилицата, како и членовите на екипажот и патниците од катамаранот кои би можеле да имаат информации за околностите на несреќата.
Неофицијално, француски државјани кои се наоѓале на блиска едрилица го снимиле моментот на судирот, а снимката би можела да биде важен доказ во истрагата.
Според досегашните информации, двете пловила се движеле во правец кон Хвар, а едрилицата непосредно пред несреќата наводно го сменила правецот на движење.
Наредени се токсиколошки анализи за скиперот на едрилицата, како и за командантот и првиот офицер на катамаранот. Исто така, ќе биде извршена обдукција на загинатите и дополнителни вештачења за утврдување на причините за несреќата.
Потонатата едрилица, која се наоѓа на длабочина поголема од 50 метри, ќе биде извлечена за детална техничка проверка.
Регион
Вучиќ: Нема да владеам ниту еден ден без легитимитет
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги отфрли шпекулациите во дел од медиумите дека по евентуално поднесување оставка планира да ја преземе функцијата премиер преку реконструкција на Владата.
За време на официјалната посета на Грузија, Вучиќ изјави дека такво сценарио нема да се случи, нагласувајќи дека не се плаши од избори и не сака да владее без легитимитет.
„Веднаш да ви кажам – тоа нема да биде случај. Не се плашам од избори и не сакам да владеам ниту еден ден без легитимитет“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека неговите политички противници и дел од опозициските медиуми се занимаваат со, како што рече, „математички политички инженеринг“ и шпекулации за можни политички сценарија.
„Една од теориите што денес ја пласираа нема да биде така“, изјави Вучиќ, додавајќи дека најважно е што ќе одлучат граѓаните на изборите.
Регион
Извлечено и четвртото тело од потонатата едрилица кај Сплит, следува вадење на пловилото
Надлежните служби во Хрватска продолжуваат со истрагата за тешката поморска несреќа во Сплитските Врата, во која загинаа четворица чешки државјани, додека паралелно се подготвува сложена операција за вадење на потонатата едрилица од морското дно.
Хрватските нуркачи денеска ја пронајдоа олупината на едрилицата на длабочина поголема од 50 метри, а во нејзината кабина било пронајдено и четвртото тело по кое се трагаше. Телото е извлечено, а надлежните институции продолжуваат со собирање докази и утврдување на околностите на несреќата.
Капетанот на Сплитската капетанија, Жељко Куштера, изјави дека вадењето на едрилицата претставува технички сложен зафат кој бара детални подготовки и координација со сите надлежни служби.
Несреќата се случи вчера околу 11:38 часот во Сплитските Врата, меѓу островите Шолта и Брач, кога се судрија катамаранот „Крило Еклипс“ на компанијата „Капетан Лука Крило“ и едрилица под француско знаме на која се наоѓале осум чешки државјани.
По судирот едрилицата потонала. Четири лица го загубија животот, а четворица биле спасени од морето и пренесени во Клиничкиот болнички центар во Сплит. Според досегашните информации, нивната состојба е стабилна и се надвор од животна опасност. Во моментот на несреќата на катамаранот имало 118 патници и седум членови на екипажот.
По несреќата се огласи и компанијата „Капетан Лука Крило“, која изрази сочувство до семејствата на загинатите и соопшти дека активно соработува со надлежните институции во истрагата.
Точните причини за судирот сè уште не се утврдени. Истрага спроведуваат полицијата, државното обвинителство и Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај, а според хрватските медиуми, во постапката би можеле да се вклучат и чешки истражители бидејќи жртвите се чешки државјани.
