Регион
Кери: Србија има потполна поддршка од САД на европскиот пат
Американскиот државен секретар Џон Кери изјави во средата навечер во Белград дека Србија и нејзиниот премиер Александар Вучиќ ја имаат целосната поддршка на САД во процесот на евроинтеграцијата.
„Сакам да ви честитам бидејќи вие ја водите Србија на многу важен пат во дефинирањето на новата Србија и на европскиот пат. Се движите што е можно побрзо кон Европската унија, што ние потполно го поддржуваме. Тоа ќе биде добро и за економијата на земјата, за животот на нејзините граѓани и за натамошниот просперитет“, рече Кери пред состанокот со Вучиќ, со кој потоа имаше билатерални разговори зад затворени врати.Кери во средата доцна попладнето допатува во Белград каде ќе учествува на дводневниот состанок на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), со која претседава Србија.Американскиот државен секретар потоа наведе дека со Вучиќ разговара за одлуките кои Србија ги носи за да ја подобри економската ситуација и да привлече странски инвестиции, за да се приближи кон светската економија. Кери, кој во Белград допатува по посетата на Приштина, ја пофали иницијативата на српската страна за дијалог со косовската.„Му изразувам почит на премиерот за иницијативата да влезе во дијалог со косовската влада, да го остави минатото во минатото и да се обиде да ја најде иднината, која ќе биде подобра, поубава и попросперитетна за сите луѓе кои таму живеат“, рече Кери.Американскиот државен секретар истакна и дека САД го делат интересот со сите земји од регионот во врска со заедничкиот одговор на предизвикот за насилниот екстремизам кој ги погаѓа Европа, Блискиот исток и другите делови на светот.Вучиќ се заблагодари на американската поддршка на Белград на европскиот пат. Укажа и на сé подобрите билатерални односи на Србија со САД. Ова е првпат Кери како американски државен секретар да престојува на западен Балкан, а од Белград ќе ги посети и Кипар и Грција./крај/мф/сн
Извор: Танјуг
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.