Регион
Комерсант: Додик во судир со светот, ги вовлекува и Србија и Русија
Референдумот во Република Српска (РС), одржан и покрај забраната на Уставниот суд на Босна и Херцеговина (БиХ), се заканува со засилување на конфронтацијата меѓу меѓународната заедница и претседателот на РС, Милорад Додик, пишува рускиот весник Комерсант.
Во тој судир можно е да бидат вовлечени и Србија и Русија, оценува Комерсант. Весникот пишува дека меѓународната заедница смета дека празнувањето на Денот на РС не е легално и дека како и босанските муслимани, стравува дека овој референдум е пробен балон по кој ќе следи референдумот за излегување на Република Српска од составот на БиХ.
Комерсант додава дека Додик само го засилил тој страв, нарекувајќи ја Република Српска држава и не исклучувајќи ја можноста за одржување на референдум за независност. Комерсант оценува дека меѓународната заедница се нашла во сложена позиција, бидејќи не може да го игнорира референдумот и додава дека острото казнување на Република Српска само ќе ја засили тензијата во регионот.
Весникот пишува, повикувајќи се на неименувани извори од Сараево, дека најреална можност е изолација на Додик и поддршка на помалку радикалните опоненти внатре во Република Српска. „Во случај на реализација на таквиот план во конфронтацијата меѓу меѓународната заедница и претседателот на Република Српска, можно е да бидат вовлечени Србија и Русија, на чија поддршка смета Додик“, коментира рускиот весник.
Според оценката на весникот, Москва избегнува безусловна поддршка за Додик, па поради тоа Кремљ по состанокот на Додик со рускиот претседател Владимир Путин испратил само кратко соопштение, каде што нема ниту збор за референдумот и поддршката.
„Тоа може да значи дека Москва, по Белград, избрала да не влегува во директен спор околу референдумот во Република Српска и неговите последици. Поради тоа, поддршката за Додик за Русија би значела не само добивање на нов повод за кавга со Западот, туку и заземање на силни просрпски позиции од оние кои ги има самата Србија, која за Русија е главен партнер на Балканот“, оценува Комерсант./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.