Регион
Косовската полиција употреби солзавец за разбивање на протестите против владата
Косовската полиција во саботата навечер со солзавец растураше илјадници демонстранти кој ја каменуваа зградата на владата во Приштина на протестите организирани од косовските опозициски партии.
Станува збор за најголемиот протест откако Косово во 2008 година еднострано призна независност од Србија.
Партиите од опозицијата на косовските Албанци бараат оставка од министерот Александар Јаблановиќ, припадник на српското малцинство, кого го обвинуваат дека минатиот месец некои Албанци ги нарекол „дивјаци“. Покрај тоа бараат владата јасно да се искаже по однос на највносниот косовски рудник „Трепча“, во северниот дел каде што се мнозинство Србите, на кој право полага и Србија.
Десетината илјади луѓе го прекинаа протестот околу 17 часот, меѓутоа десетици д нив продолжија со протестот и подоцна започнаа да фрлаат со камења врз зградата на владата и да ја напаѓаат полицијата, повредувајќи дваесет полицајци. Полицијата соопшти дека привела 22 демонстранти.
Министерот Јаблановиќ на почетокот од јануари некои албански демонстранти кои во војната со српските сили во тогашната јужна покраина Косово и Метохија од 1998/1999 загубиле членови на своите семејства, ги нарече „дивјаци“. Министерот подоцна се извини, но опозициските партии и натаму бараат негова оставка, организирајќи протести ширум Косово.
Демонстрантите во саботата ја повикаа владата што поитно да донесе план за преземање на контролата над рударско-металургискиот комбинат „Трепча“. Стравувајќи од стечај на рудникот, косовската влада минатата седмица објави дека ќе ја преземе контролата над „Трепча“ но по остриот одговор на Србија која полага исто така право врз комбинатот, и препораки на западните сојузници, се повлече. Тоа предизвика штрајк на 800 рудари кои неколку дена останаа во окното на рудникот, но подоцна се решија да ѝ дадат дополнителен период на владата во Приштина да донесе одлука.
Рударско-металуршкиот комбинат „Трепча“ кој вади и преработува олово, цинк и сребро, своевремено вработуваше 20 илјади луѓе. Од отцепувањето на Косово од Србија по војната од 1999 година, „Трепча“ која се простира од двете страни на српско-косовската поделба на северно Косово е под контрола на агенцијата создадена од Обединетите нации и ја подготвува за продажба.
Косовската агенција за приватизација (КРА), меѓутоа, не успеа да направи план за иднината на „Трепча“, делумно и поради нејасната сопственичка структура и многуте кредитни обврски.
Иако менаџерите во компанијата ги проценуваат резервите на руда на околу 10 милијарди евра, нејзината неизвесна иднина го пречи развојот и во моментов „Трепча“ работи на минимум производство само за да го одржи процесот на производство.
Хеликоптер и бесполотно летало на силите на НАТО на Косово во мисијата КФОР ја надлетуваа Приштина во текот на протестите. НАТО, чие тримесечно бомбардирање на Србија во 1999 година, го принуди тогашниот српски водач Слободан Милошевиќ да ги повлече силите од покраината и да го потпише ткн Кумановски договор, има распоредено околу 5.000 војници,
Србија не ја признава еднострано прогласената независност на Косово, со поддршка на САД и главните земји во Европската унија, меѓутоа од 2013 година се согласи да води преговори за нормализација на односите со својата поранешна покраина во настојувањата да се приближи до членство во ЕУ./крај/мф.сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.