Регион
Косовскиот парламент го отфрли предлогот на Западот да им суди на поранешните борци на ОВК
Косовскиот парламент го одбија во петокот, и покрај притисоците, предлогот на Западот да основаат специјален суд за процеси против поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК – УЧК), етнички Албанци, кои се обвинети за воени злосторства, меѓу другото и за трговија со органи од жртвите во текот на војната 1998/1999 година против властите во тогашната српска покраина.
За прифаќање на предлогот по сугестија на западните сојузници на албанските власти во Приштина, недостигаа пет гласови на пратениците, а оваа одлука се смета за голем удар врз политичките и финансиски спонзори на Косово, САД и Европската унија, кои силно лобираа за соочување со обвинувањата за воени злосторства.
Предлогот во парламентот со 125 пратеници го поддржаа 75, а за носење на уставен амандман потребно е двотретинско мнозинство. Пратеникот на ЕУ во Приштина, Самуел Жбогар, изјави за медиумите дека „Многу сум разочаран од одлуката, но мораме да ја почитуваме“.
Сега расформираната Ослободителна војска на Косово, некогаш поддржувана од западните сили, последните години е обвинувана дека ги убивала српските цивили кои ги држела во заточништво, дека вадела органи од живи луѓе кои ги продавала на црниот пазар, како и дека убивала Албанци кои ги сметала за соработници на српските власти.
Албанското мнозинство на Косово, како и голем дел од тамошното раководство од кои многумина биле припадници на ОВК, го отфрлаат, како што велат, „овој обид да се извалка востанието“ коешто во 1999 година доби воздушна поддршка од НАТО, односно бомбардирањето на Србија без каква и да е одлука на пошироката меѓународна заедница, во прв ред Советот за безбедност на ОН.
По сугестиите од Западот, сегашната косовска влада со месеци се обидуваше да го наговори парламентот да го дополни уставот и да овозможи формирање суд со седиште во Холандија, бидејќи сведоците стравуваат од притисоци и ликвидации, како што во минатото имаше случаи, како и од корупцијата во правосудните косовски власти.
САД и ЕУ, кои го поддржаа во 2008 година Косово еднострано да прогласи независност, сега ја предупредија Приштина дека несогласувањето да се формира судот ќе создаде опасност тоа прашање да го земе во свои раце Советот за безбедност при ОН, што би значело дека во тоа прашање ќе бидат директно вклучени и традиционалните српски сојузници, во прв ред Русија, а потоа и Кина. Москва не ја признава косовската независност, и ќе ѝ биде добредојдено да го изедначи статусот на Косово, со оној на самопрогласените и меѓународно непризнаени проруски енклави, како Осетија, Абхазија, Приднестровје или сега во побунетиот рускојазичен исток на Украина, ткн Народни републики Донецк и Лугнаск.
„Ние нема што да криеме. Имаме две можности: можеме самите да го формираме тој суд, заедно со ЕУ или САД, и така тоа прашање за три до пет години да го затвориме еднаш засекогаш. Доколку не го сториме тоа, работата ќе отиде пред Советот за безбедност на ОН и таму судот ќе го формираат противниците на косовската независност и тоа ќе трае 15 до 20 година“, изјави поранешниот премиер, сега шеф на дипломатијата, Хаши Тачи, и самиот поранешен политички командант на ОВК.
Опозицискиот пратеник Глаук Коњуфца од парламентарната говорница, пак, рече дека „Тој суд би ја менувал историјата. Тој би оставил впечаток дека Албанците сториле злосторства, дека сме биле агресори“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.