Регион
Љубљанско Delo за дејствувањето на вахабитските муслимани во Словенија
Најмалку двајца словенечки државјани кои се поврзуваат со вахабитскиот ислам престојувале минатата година во Сирија, а по враќање за нивните активности ги испитувала полицијата, пишува во петокот љубљанскиот дневен весник Delo.
Словенечките безбедносни служби ја објавија официјалната процена дека радикалните исламисти, сепак, не претставуваат директна закана за националната безбедност, но дека таквата состојба во иднина би можела да се промени. Во словенечката престолнина Љубљана официјално се регистрирани две друштва за промоција на исламот, Ел-Иман и Енсаруд-Дин, а на отворањето на сунитскиот месџид (простор за молитва), во словенечкиот главен град пред три години присуствуваше и Хусеин Билал Босниќ, кој претходно седмицава беше уапсен во босанската престолнина Сараево заедно со група радикални исламисти во операцијата „Дамаск“.Весникот додава дека словенечката разузнавачка служба SOVA регистрирала дека припадници на помали заедници на селафитсктие муслимани во Словенија повремено се посетувани од вахабитски проповедници кои го промовираат насилството кон Западот, а дејствуваат на просторот меѓу Австрија и Босна и Херцеговина, проширувајќи ја ултраконзервативната струја на исламот. Словенечкиот министер за надворешни работи на заминување, Грегор Вирант, не сакал за Delo да ги потврди наводите дека на една седница на парламентарната комисија за безбедност наводно го изнел податокот дека на страна на екстремните исламисти во Сирија се борат тројца муслимани државјани на Словенија.Секретарот на официјалната Исламска заедница во Словенија, Невзет Пориќ, се оградил од можното дејствување на припадници на исламската вера кои заговараат насилство, велејќи дека тоа нема врска со изворната муслиманска религија. Пориќ признава дека имаат тешкотии со дејствувањето на „поединци“ кои се муслимани, но дејствуваат во друштва со кои официјалната исламска заедница во Словенија нема поврзаност, како и дека со нив повремено имаат „вербални судири“. „Муслиманите во Словенија се дел од Исламската заедница. Во неа постојат одредени правила според коишто дејствуваме и до кои членовите на заедницата се придружуваат. Од друга страна, постојат и поединци кои нé напуштија и работат на свој начин“, изјавил Пориќ./крај/мф/сн
Извор: Delo
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.