Регион
Мустафа: Или почитување на законите, или затвор за претставниците на ЗСО
Доколку претставниците на Заедницата на српски општини (ЗСО) на Косово не работат според косовските закони и не ги почитуваат одлуките на косовската влада, ќе бидат апсени, тврди премиерот Иса Мустафа, пренесуваат српските медиуми.
Мустафа, кој оставил и можност Приштина да не го примени Бриселскиот договор за ЗСО во зависност од одлуката на косовскиот Уставен суд, рекол дека владата може да ги прогласи ЗСО како незаконски, доколку не се постапува според законите и правилата на владата во Приштина.
„Тие (Србите) можат денеска да прогласат автономија, но таа нема да важи, бидејќи се принудени да ги почитуваат законите на Косово. Во спротивно, косовските институции ќе мора да преземат мерки. Тие кои го кршат законот можат да завршат во затвор, и тоа е гарантирано со договорот за правосудство“, рекол Мустафа.
Косовскиот премиер истакнал и дека Бриселскиот договор нема да биде спроведен доколку косовскиот Уставен суд одлучи дека договорот за ЗСО е спротивен на косовските закони.
„Точките од договорот за ЗСО ќе биде проследена во Уставниот суд, кој ќе одлучи по ова. Доколку Уставниот суд рече дека некои од точките на договорот не се во согласност со косовскиот Устав, ние нема да ги спроведеме, а целиот договор ќе биде прогласен за противуставен и нема да биде спроведен“, рекол Мустафа.
По повеќенеделните блокади на косовскиот парламент поради противењето на три опозициски партии за примената на договорот за формирањето на Заедницата на српски општини, косовската претседателка Атифете Јахјага во договор со парламентарните партии, документот за ЗСО го проследи до Уставниот суд.
Радикалното опозициско движење Самоопределување, пак, порача дека нема да ја признае ниту одлуката на Уставниот суд и дека во секој случај ќе продолжи во блокирање на парламентот. Ваквиот развој на настаните доаѓа на само ден откако Приштина во Стразбур го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, нешто што во Србија се смета за опструкција на спроведување на Бриселскиот договор./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кризата во Бугарија продолжува: никој не може да формира влада, на повидок се нови избори
Претставниците на партијата Има таков народ, денеска, на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, со што се отвора патот за закажување вонредни парламентарна избори.
Мандатот што ѝ беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање редовна влада во рамките на сегашното Народно собрание, јавува Бугарското радио. Претседателот Радев сега треба да го одреди датумот на предвремените избори за парламентот откога неисполнети му беа вратени трите мандати за формирање влада.
На изборите во април минатата година ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, коалицијата предводена од партијата Продолжуваме со промените освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент, а нивните обиди за формирање влада претходно беа неуспешни.
Првиот мандат Радев ѝ го довери на коалицијата ГЕРБ-СДС, но таа не формира влада, мандатарката Марија Габриел се откажа и го врати мандатот.
Вториот мандат за состав на влада му беше доверен на Николај Денков.
Третиот мандат за состав на влада, според бугарскиот Устав, претседателот го доверува на една од другите парламентарни сили, по негова дискреција, во рок од 7 дена. Според Уставот, доколку не се постигне договор за формирање влада, претседателот по консултација со пратеничките групи назначува преодна влада и распишува нови предвремени избори во рок од 2 месеца.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролет март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источен Медитеран. Типична песочна бура со дострел од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони“, објаснува директорот на Грчката метеоролошка служба, Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 Целзиусови степени, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степена, истакнаа од Грчката метеоролошка служба.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи население, особено луѓето што страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува Сојузот.
Регион
Родителите на двегодишната Данка во полиција во Бор: мајката одбила полиграф
Родителите на исчезнатата двегодишна Данка Илиќ се донесени во полициската станица во Бор, објави „Телеграф.рс“.
Тие не се осомничени, но со нив се врши информативен разговор.
Ивана и Милош вчера дадоа исказ во присуство на Центарот за социјална работа.
Како што објави српски „Телеграф“, мајката го одбила полиграфскиот тест бидејќи е бремена.
„Девојчето Данка Илиќ сè уште не е пронајдено. Апелираме до сите луѓе да не објавуваат информации што не се проверени. Со тоа се нарушува и се загрозува истрагата, во која е инволвиран и Одделот за криминалистичка полиција“, изјавиле за „Телеграф.рс“ од српската полиција.