Регион
Мужниекс: Унгарија би можела да ги депортира бегалците во Србија и Македонија
Комесарот за човекови права во Советот на Европа (СЕ), Нилс Мужниекс предупредил дека враќањето на мигрантите од Австрија во Унгарија, врз основа на Даблинскиот договор, би можело да доведе до сериозно кршење на човековите права и дека во тој случај унгарските власти бо можеле автоматски да ги депортираат бегалците во Србија, а потоа и во Македонија.
По одлуките на властите во Будимпешта минатата година Србија да ја прогласат за „безбедна трета земја“, на мигрантите кои би биле вратени во Унгарија би им било оневозможено да поднесат барање за азил во оваа земја.
„Мигрантите би биле изложени на голем ризик од депортација во Србија и понатаму автоматско враќање во Македонија, што би било во спротивност со Европската конвенција за човекови права“, навел комесарот на СЕ во објавеното мислење за Европскиот суд за човекови права, по повод обвинувањата против Австрија поради враќањето на азилантите.
Мужниекс нагласил дека оваа одлука е во спротивност со мислењето на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) дека Србија сé уште нема развиен систем за азил, ниту капацитет одеднаш да прими голем број на бегалци. Тој истакнал и дека останатите членки на ЕУ не ја вбројувале Србија во листата на безбедни земји за барателите на азил, како и тоа дека унгарскиот Врховен суд усвоил одлука според која ќе ги почитува препораките на УНХЦР околу одлучувањето за тоа кои земји можат да се сметаат за безбедни земји.
„Во извештајот на Комитетот на УН против тортурата од јуни минатата година се изразува загриженост дека мигрантите кои ќе бидат вратени во Србија ќе бидат изложени на ризик од автоматско враќање во Македонија, која пак се соочува со сериозни проблеми во системот за азил и големиот број на мигранти кои доаѓаат во оваа земја од Грција. УНХЦР тогаш направи препорака земјите да се воздржат од враќање на мигрантите во Македонија, се до унапредувањето на системот за добивање на азил во земјата“, навел Мужниекс.
Според него, Унгарија намерно води рестриктивна политика кон мигрантите за да ги одврати од поднесување на азил во оваа земја.
„Законо за азил кој беше усвоен во септември минатата година и досегашната политика на унгарските власти кон мигрантите е во спротивност со стандардите на Советот на Европа и Европската конвенција за човековите права“, заклучил Мужниекс, нагласувајќи дека голем број на мигранти, кои врз основа на Даблинскиот договор беа вратени во Унгарија, моментално се наоѓаат во притвор, и покрај апелите дека мигрантите не смеат да се третираат како криминалци./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Еден од убијците на Данка бара нов адвокат
Второосомничениот Срѓан Јанковиќ кој цело време се бранеше со молчење во Обвинителството му го откажал полномошното на својот адвокат бидејќи не сака повеќе да го брани.
Јанковиќ побарал да му биде доделен адвокат по службена должност, пренесуваат српските медиуми.
Ова не изненади бидејќи ретко се случува на сред рочиште осомничениот да побара смена на адвокат – велат од обвинителството.
– Понатамошната постапка е таква што следува разговор на новиот адвокат со осомничениот Јанковиќ. Со оглед на текот на рочиштето, апсолутно секој адвокат ќе го советува да престане да се брани со молчење бидејќи подобро е самиот Јанковиќ да каже се што знае. Убедени сме дека е прашање кога Јанковиќ доброволно ќе ја изнесе својата одбрана во обвинителството. Се надеваме дека постои можност да се дознае каде е телото на малата Данка – неофицијално се дознава од надлежните.
Доколку се оствари предвидувањето на обвинителството, се очекуваат нови моменти во истрагата откако Јанковиќ ќе ја каже својата верзија за настаните.
Регион
Избори во Хрватска: На три часа пред затворањето на гласачките места излезноста е 50,6 отсто
Државната изборна комисија во Хрватска објави нови податоци за излезноста до 16:30 часот. На три часа пред затворањето на гласачките места гласале повеќе од 50 отсто од гласачите.
Во моментов на избирачките места има долги редици, голем број граѓани чекаат да ја извршат својата граѓанска должност, јавуваат медиумите.
Изборите ги одбележаа помали инциденти и прекршување на изборниот молк.
Околу 6.000 гласачи денеска не можеа да гласаат бидејќи ги немало во избирачкиот список оти немале важечки лични карти. Но, на сите им била дадена можност да гласаат со издавање на т.н „син“ сертификат.
До 11:30 часот на парламентарните избори во Хрватска излегле 24,18 отсто од гласачите, што е за шест отсто повеќе од изборите одржани во 2020 година.
Ова е втор најголем одѕив по историските избори во 1990 година и независноста на Хрватска.
Денеска во Загреб гласаа главните кандидати за премиер – актуелниот претседател Зоран Милановиќ и актуелниот премиер Андреј Пленковиќ.
Регион
Во Босна и Херцеговина пронајдено петгодишно девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе
Во автобус на граничниот премин Брод босанско-херцеговската полиција идентификувала петгодишно девојче од Германија, жртва на меѓународна трговија со луѓе, соопшти Обвинителството на БиХ.
„Обвинителот од Одделот за шверц и трговија со луѓе на Обвинителството на БиХ ги координира активностите во соработка со Службата за работи со странци на БиХ и Граничната полиција на БиХ, кои при контрола на стоки и патници на редовните автобуски линии на граничниот премин Брод открија и идентификуваа жртва на меѓународна трговија со луѓе“, велат од таму.
Девојчето патувало на редовна автобуска линија во придружба на странски државјанин. По наредба на обвинител, тој е приведен во Службата за странци на Босна и Херцеговина, а таа е сместена во безбедна куќа.
„Споменатото девојче се наоѓа во базата на лица по кои трагаат меѓународните институции, а обвинителот е во постојана комуникација со надлежното обвинителство и полицијата во Визбаден, Германија. Се преземаат активности за враќање на детето кај мајката“, велат од Обвинителството.