Регион
На градилиштето на љубљанската џамија најдени свински глави
На градилиштето на Исламскиот верски центар во словенечката престолнина Љубљана, каде што ќе биде подигната првата џамија воопшто во Словенија, ноќта кон средата се фрлени свински глави, за што истрага поведе полицијата, додека Исламската заедница во оваа членка на Европската унија ги повика сите други верски заедници остро да го осудат овој чин и сквернавењето на идниот верски објект.
Љубљанската полиција објави дека истрагата ја води против непознат сторител или сторители, кои се сомничат за кривично дело поттикнување на непријателство, насилство или нетолерантност на верска основа, што се казнува со затвор до две години.
Исламската заедница на Словенија, којашто ја води муфтијата Неџат Грабус, потврди во соопштението за јавноста дека „гнасниот чин“ први го забележале работниците коишто први утрото дошле на градилиштето, за што потоа ја известиле полицијата. На местото од идната џамија пронајдени се свински глави и тегли полни со свинска крв.
Во реакцијата на словенечката Исламска заедница се наведува дека случајот го сметаат за напад врз малцинска верска заедница, при што ги повикаа сите други верски заедници, вклучително и Католичката црква и Српската православна црква, „енергично“ да го осудат овој чин.
Исламската заедница притоа ја осуди кампањата на неделникот Reporter, близок на десничарската опозиција, како и неговите написи во кои во последниот период на „подбуцнувачки“ начин се пишувало за муслиманите во Словенија и „забрзаното градење“ на исламскиот центар во Љубљана и џамијата, и тоа се доведувало во поврзаност со наводната исламска опасност во Европа и со имигрантите.
„Без оглед на таквите подбуцнувачки напади, исламскиот верски центар ќе ја збогати Љубљана и цела Словенија, која во минатото веќе покажа дека знае да живее во толерантност и дека нејзините врати се отворени за секој кој е добронамерен и искрен“, се наведува во соопштението на Исламската заедница во Словенија, и се додава дека непријателството е болест на духот, но не и безбедносен проблем.
Љубљанската џамија со исламскиот центар би требало да биде завршена следната година, а ќе чини 35 милиони евра. Третина од сумата е обезбедена со донации од Катар, а се очекуваат и пролози од муслиманите од Словенија и од други земји./крај/мф/сн
Извор: Hina/STA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.
Регион
(Видео) Прашина од Африка стигна во Грција: небото над Атина стана портокалово
Небото над Атина, главниот град на Грција, стана портокалово поради огромните облаци од прашина што пристигнаа од Африка.
Грчкото здружение за пулмологија ги предупреди граѓаните дека честичките од пустинската прашина во атмосферата се опасни за луѓето со респираторни проблеми.
🚨#WATCH: As the Saharan dust has turnt the sky of Athens, Greece completely orange.
The Sahara dust is turning the sky into a vibrant orange across Athens, Greece. The wave of dust began yesterday and is forecasted to peak today.
pic.twitter.com/jo7fAwNIv4— R A W S G L 🌎 B A L (@RawsGlobal) April 23, 2024
На луѓето со респираторни и срцеви проблеми им се советуваше да не се занимаваат со активности на отворено, да ги држат прозорците затворени и да користат маски кога се на отворено.
Грчкиот метеоролог Костас Лагувардос објави на „Фејсбук“ дека Атина изгледа како колонија на Марс.
HAPPENING NOW: *Orange sky* – African dust blanketing Greece created an eerie image that made Athens look like a colony on Mars, Greek meteorologist reportedly says pic.twitter.com/qXicm92YPE
— Bruce Snyder (@realBruceSnyder) April 23, 2024
Поради пустинската прашина, намалена е видливоста во центарот на градот и регионот, а грчката метеоролошка служба соопшти дека во северна и западна Грција се очекува дожд од прашина.
In Athens, the sky turned orange due to a large amount of dust brought from the Sahara Desert, pic.twitter.com/Xie3o7Ovku
— S p r i n t e r F a c t o r y (@Sprinterfactory) April 23, 2024
Регион
Мајката на осомничениот за убиството на Данка: Не го видов телото на мојот син
Светлана Драгијевиќ, мајката на Далибор Драгијевиќ, кој почина од насилна смрт во полициската станица во Бор, на распитот за убиството на Данка Илиќ (2) за порталот „Нова.рс“ вели дека нејзиниот починат син бил жртва на полициска тортура.
Таа истакнува дека не го видела телото и дека сѐ уште го чека извештајот од обдукцијата на синот.
Драгијевиќ е брат на Дејан, осомничениот за убиството на девојчето Данка Илиќ. Тој беше приведен на 6 април под сомнение дека му помогнал на својот брат да го скрие нејзиното тело, а почина ноќта меѓу саботата и неделата, односно на 7 април.
Мајката на Драгијевиќ за „Нова.рс“ изјави дека никој не дошол кај неа да ѝ каже дека син ѝ е претепан, туку дека само полицаецот дошол да ја извести за погребот.
„Не се сомневам дека ќе се дознае кој го убил, од Бор се. Извештајот од обдукцијата сѐ уште не сум го добила, па се надевам дека ќе открие сѐ“, вели Светлана, која исто така наведува дека не го видела телото на синот.
Неделникот „Радар“ неодамна објави дека обдукцијата покажала оти Драгијевиќ починал со насилна смрт, а доказ за тоа се многуте повреди што ги имал на телото. Но, полицијата во соопштението наведе дека Драгијевиќ починал од природна смрт, односно му се слошило во полициската станица.
Полицијата ги уапси работниците на ПУК „Водовод“, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, под сомнение дека го убиле девојчето Данка Илиќ. Таткото Радослав и братот Далибор на осомничениот Драгијевиќ беа приведени под сомнение дека му помогнале да го скрие телото на детето.
Телото на Данка сѐ уште не е пронајдено.