Регион
Најмалку 34 имигранти загинаа во најголемата трагедија во 2016 на Егејот
Телата на најмалку 34 имигранти кои се обидувале преку Егејското Море да стигнат до грчките острови се пронајдени во окрузите Ајвалик и Дикили, откако два чамци се превртеле во силното невреме, а се стравува дека бројот на жртвите може да биде поголем, пренесуваат во вторникот турските медиуми.
Засега непознат број бегалци и од сé уште не утврдена националност кои се обидуваат да отпловат од турското летувалиште Дикили до грчкиот остров Лезбос, се соочиле со силно разбранувано море што предизвикало превртување на нивното пловило во вторникот рано утрото.
Телата на 24 жртви се пронајдени на брегот на областа Ајвалик, изјавиле за Reuters од командата на турската крајбрежна стража. Десет други жртви, пак, биле пронајдени на плажите во областа Дикили.
Намик Кемал Назли, гувернер на округот Ајвалик, за државната новинска агенција Anadolu изјави дека се утврдува идентитетот на жртвите, а се верува оти тие се од Ирак, Алжир и Сирија. Назли немал информации за идентитетот на втората група жртви. Изразил притоа стравување дека потрагата продолжува и оти бројот на жртвите може да биде поголем.
Според снимките коишто ги емитуваше агенцијaта Dogan, на брегот кај Ајвалик рибари и војници извлекуваат од водата тела со појаси за спасување, а забележливи се уште неколку тела на плажата.
Турската крајбрежна стража спасила девет луѓе, кои успеале и покрај силното невреме да се качат на еден гребен. Тие се хоспитализирани во државната болница во Ајвалик со хипотермија.
Во вториот случај, кога потонал поради навлегување на вода малиот гумен чамец кој пловел од Дикили кон грчкиот остров Лезбос, 56 луѓе се спасени од крајбрежната стража на Турција, а телата на 10, меѓу кои и жени и деца, се исфрлени на брегот во близина на местото на испловувањето.
Протокот на претежно сириските бегалци и имигранти преку опасната поморска рута кои бараат спас во богатите западни земји во Европа се намали кон крајот на минатата година со настапувањето на студеното време но сепак достигна повеќе од милион лица, речиси пет пати повеќе отколку претходната 2014 година.
Ниту зголемените полициски патроли на турските граници и постудените временски услови не ги одвраќаат бегалците и имигрантите од Блискиот исток, Азија и Африка од опасните патувања во мали и дотраени пловила.
Околу 850.000 луѓе минатата година влегле во Грција, плаќајќи илјадници евра на криумчари на луѓе за префрлување од Турција. Според Меѓународната организација за миграции (IOM), најмалку 700 луѓе, претежно од Сирија и од Ирак, смртно настрадале или се исчезнати во обидот да го минат Егејското Море. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.