Регион
Николиќ непријатно изненаден од изјавата на претседателот на САНУ за Косово
Српскиот претседател Томислав Николиќ соопштил дека е непријатно изненаден од изјавата на претседателот на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), Владимир Костиќ, дека „Косово е загубено за Србија“, пренесуваат српските медиуми.
Претседателот на САНУ претходно пак, напомена дека „единствената политичка мудрост за Србија на некој начин и со елементи на достоинство, е да се напушти Косово“.
„Претседателот Николиќ беше доста изненаден, да не употребиме потежок збор, изјавата на претседателот на САНУ, Владимир Костиќ, дека Косово е де факто и де јуре изгубено за Србија и дека сојузот со Русија е вештачка алтернатива, како и тоа дека Србија „повраќајќи треба да влезе во тој рај на Европската унија“. Професорот Костиќ го изјави тоа и остана жив“, соопштиле од кабинетот на српскиот претседател.
Во соопштението се наведува дека професорот Костиќ јавно изнел мислење кое е спротивно на интересите на Србија и уверувањата на поголем дел српски граѓани, „во моменти кога државата води тешка борба, и покрај страотните притисоци, да ги примени двојните стандарди од страна на оние кои промовираат независност на Косово“.
„Србија не направи ниеден чекор кој придонесе за самопрогласената независност да биде реалност. Разговорите се водат за граѓаните на Србија, заедно со Покраината да можат да живеат нормално, без страв од војни, и да бидат на безбедно и слободни“, нагласил Николиќ во соопштението.
„На крајот на краиштата ниту пет членки на Европската унија не го признаа „Косово“. Како би можела Србија да го признае, а пет европски пријатели не го направија тоа. Доколку погледнеме малку подалеку, што би се случило понатаму, тука пред нашите очи ќе се формира исламска држава, и таа потоа ќе тргне кон остатокот од Србија“, предупредил Николиќ.
Претседателот на САНУ, Костиќ, пак, одговорил дека нема да дозволи никој да му одредува што тој смее, а што не смее да каже, повторувајќи дека тоа е негов личен став, а не став на српската Академија.
„Србија сама нека одлучи кому ќе му верува“, порачал Костиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Полицајци и пожарникари пристигнуваат пред куќата каде што исчезна Данка
Во Бањско Поле во Србија пристигнуваат уште полициски сили и пожарникари во околината на викендичката на семејството Илиќ во близина на која последен пат била видена малата Данка Илиќ по која веќе трет ден се трага.
Покрај пожарникари и полиција, на самото место има и багер, иако сè уште нема официјални информации зошто. Репортерот на српски „Телеграф“ јавува дека полицијата отвора шахти околу куќата на семејството Илиќ.
Како што објави „Телеграф“, полицијата и работниците од ЈКП од утрово го расчистуваат теренот.
Данка Илиќ исчезна во вторникот во 13.45 часот кога мајка ѝ му давала вода на другото дете.
По девојчето 27 часа трагаа припадници на жандармеријата, полицијата, пожарникари, спасувачи, како и многубројни мештани. По 27 часа, српската полиција го прекина пребарувањето на теренот во Бањско Поле.
Регион
Кризата во Бугарија продолжува: никој не може да формира влада, на повидок се нови избори
Претставниците на партијата Има таков народ, денеска, на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, со што се отвора патот за закажување вонредни парламентарна избори.
Мандатот што ѝ беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање редовна влада во рамките на сегашното Народно собрание, јавува Бугарското радио. Претседателот Радев сега треба да го одреди датумот на предвремените избори за парламентот откога неисполнети му беа вратени трите мандати за формирање влада.
На изборите во април минатата година ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, коалицијата предводена од партијата Продолжуваме со промените освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент, а нивните обиди за формирање влада претходно беа неуспешни.
Првиот мандат Радев ѝ го довери на коалицијата ГЕРБ-СДС, но таа не формира влада, мандатарката Марија Габриел се откажа и го врати мандатот.
Вториот мандат за состав на влада му беше доверен на Николај Денков.
Третиот мандат за состав на влада, според бугарскиот Устав, претседателот го доверува на една од другите парламентарни сили, по негова дискреција, во рок од 7 дена. Според Уставот, доколку не се постигне договор за формирање влада, претседателот по консултација со пратеничките групи назначува преодна влада и распишува нови предвремени избори во рок од 2 месеца.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролет март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источен Медитеран. Типична песочна бура со дострел од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони“, објаснува директорот на Грчката метеоролошка служба, Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 Целзиусови степени, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степена, истакнаа од Грчката метеоролошка служба.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи население, особено луѓето што страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува Сојузот.